Постојат различни реквизити кои им помагаат на бебињата да заспијат. Реквизитот за спиење (исто така познат како асоцијација за спиење или помагала за спиење) може да биде сè од што вашето бебе зависи за да заспие. Некои се исклучително корисни за спиењето на бебето, додека други се помалку корисни. Така, не станува збор за прашањето дали помагалата за спиење се добри или лоши, туку дали истите се или не се од помош за подобро спиење.
Е сега, ако моментално користите некој од помагалата за спиење кои што ги споменувам подолу, но немате проблем со спиењето на вашето бебе, тогаш нема потреба ништо да менувате и непотребно да се грижете! Оваа објава е наменета да им помогне на семејствата кои се борат да дојдат до коренот на проблемите со спиењето на бебињата. Овие проблеми може да се однесуваат на кратки дремки од по 30 до 45 минути, често будење навечер, борба за легнување за спиење, станување многу рано наутро (пред 6 часот) и слично.
Повторно и во овој пост сакам да потенцирам дека бебињата најчесто се будат по секој циклус на спиење кој обично трае 30-45 минути. Подетално за циклусите за спиење имам објаснето во постот ШТО СЕ РЕМ И НЕ-РЕМ СПИЕЊЕ КАЈ БЕБИЊАТА. Бебињата кои се независни во спиењето и кои имаат способност за самоутеха обично кратко се будат и за брзо време продолжуваат да спијат или воопшто не се разбудуваат и продолжуваат со следниот циклус на спиење. Доколку бебето се разбуди, она што му било потребно за да заспие, е токму она што ќе му треба за повторно да заспие и за време на овие будења.
Како помагала за спиење кои не се од помош се следниве:
- Доење за заспивање
- Пиење млеко од шише додека не се заспие
- Држење во раце или нишкање (клацкање) додека не се заспие
- Лежење со бебето додека не заспие
- Користење на цуцла лажливка (посебно ако бебето не може само да си ја стави во уста ако истата му паднала)
Во сите овие ситуации по повторното будење на бебето би му била потребна истото помагало за да може повторно да презаспие.
Мора да се запрашате, дали сте подготвени да продолжите да го нудите истото помагало за спиење во текот на ноќта или после секоја кратка дремка за да заспие повторно? Ако не, на сцена стапува тренингот за спиење! Или уште подобро, од почеток избегнувате да ги правите работите со кои се градат лоши навики за спиење.
Со Зои користев доста помагала за спиење. Заспивање на града, лежење со бебето, користење на цуцла лажливка. Како што почнав да ја разбирам филозофијата на спиење кај бебињата почнав да ги тргам една по една овие навики и со тренинг и упорност успеавме да го смениме начинот на заспивање. Цуцлата сама ја тргна некаде после 3 месеци. Почна да си го цуца прстот, што и не е толку лошо бидејќи прстот е секогаш со нејзе и лесно можеше да го стави во уста. Тоа беше начин како сама да се смири. Доколку сакате да ја дознаете нашата приказна за спиењето имам напишано серија постови. Истите може да ги прочитате тука:
Нашата приказна за спиењето (0-3 месеци)
Нашата приказна за спиењето (4-6 месеци)
Нашата приказна за спиењето (7-9 месеци)
Нашата приказна за спиењето (10-12 месеци)
Ајде сега да зборуваме за корисни реквизити за спиење. Тоа се работи над кои бебето има одредена контрола или кои секогаш му се достапни во текот на ноќта/дремката.
Што се смета за корисно помагало за спиење?
- Бели звуци (шумови)
- Темна просторија за спиење
- Вреќа за спиење
- Предвидлива рутина пред спиење
- Плишана играчка (за над 12 месеци поради безбедност)
- Кебенце (за над 12 месеци поради безбедност)
- Цуцла (само ако бебето може самостојно да ја пронајде и да ја стави во уста без да се расони)
- Цуцање прст
Со Зои од почеток користиме бели звуци за спиење навечер. Кога беше бебе пуштавме бели звуци на апликација од мобилен, а подоцна ни донесоа на подарок специјална машина за бели звуци. Осетивме дека се смирува и позитивно и влијае. Сега, и на 20 месеци сеуште ги пуштаме белите звуци навечер. Собата во која спие ја затемнуваме со подебели завеси. Вреќичка за спиење исто така користиме и повеќе за тоа може да прочитате на посебен пост. Рутината пред спиење е многу важна за да има асоцијација дека следи спиење. Цуцање прст е нешто што сама си го има развиено како техника за само утешување и смирување. Сега за сега не ми пречи и не и забранувам, понатаму доколку самата не престане веројатно ќе преземам некои мерки за одвикнување. Пробав да и дадам да спие со плишана играчка и мини-кебенце, но некако не се поврза доволно и не инстистирав на тоа. Подоцна, некаде 18+ месеци почна да спие гушната со плишана играчка. Овие (плишаните играчки) се препорачуваат на поголема возраст (над 12 месеци) за да се спречи ризикот од синдромот ненадејна смрт кај новороденчиња (SIDS).
Прочитајте го и постот Совети за подобро спиење каде имам дадено повеќе препораки и совети како да изградите подобри навики за спиење.
Се надевам дека вие и вашето малечко ќе имате подобар и поквалитетен сон!!