Search here...
TOP
Мајчинство Спиење

Нашата приказна за спиењето (10-12 месеци)

Нашата приказна за спиењето (10-12 месеци)

Од 10 месеци почна нова етапа во нашата приказна за спиењето. Зои почна да иде во градинка, а воедно ја префрливме да спие сама во својата соба. Тука почнаа и новите предизвици со спиењето.

Нашата приказна за спиењето (10-12 месеци)

Откако почна да иде во градинка, целосно се пореметија дневните дремки. Во градинка ја заспиваат после ручек, во 12-12:30 часот, а според возраста и прозорците на будност неа и се приспиваше уште во 10-11 часот. После градинка пак, сакаше да има втора дремка, но и да поминува време со нас. Успивањето одеше доста тешко.

Релативно брзо се прилагоди да спие во посебна соба, но сеуште се будеше неколку пати во вечерта. Бидејќи веќе можеше да стане држејќи се за креветчето, при секое нејзино будење го правеше тоа. Ние ќе влезевме во соба, ќе ја легневме, а таа повторно ќе станеше и така додека не заспие. За мене беше многу потешко да станувам неколку пати во вечерта и да одам во друга соба за да ја презаспијам, но бевме упорни и не се откажавме. Овој период гледав да ја оставам во креветче успана, но сеуште будна и полека се оддалечував од креветчето. Секој ден подалеку и подалеку. Ќе ја оставев во креветче, ќе искочев од собата и ја следевме на бебе-мониторот. Најчесто стануваше и почнуваше да плаче. Ова го повторувавме додека не заспие. Целта беше да научи да заспива сама, без да има некој во просторијата. На овој начин, кога ќе се разбуди подоцна во вечерта да не бара да е некој покрај неа и да може сама да си презаспие. Исто така, овој период почнавме да и даваме и трет оброк (вечера) за да биде сита пред спиење. Ефектот конечно беше постигнат. Таман во периодот кога ми заврши породилното и се вратив на работа конечно почна да спие одлично! Легнуваше во 7 часот, стануваче во 3 часот по полноќ за цицање и продолжуваше до 6-6:30 часот. Тоа траеше неколку недели и кога конечно рековме дека го надминавме проблемот со спиењето почна да се разболува и повторно се се поремети. Кога се разболи ни беше страв да не дехидрира и во ноќта јас самата ја будев за да цица. Воедно, бидејќи имаше температура, спиеше со мене на спална за да можам да следам и да реагирам на време. Очекував дека тоа ќе го поремети спиењето и навистина беше така. Како капак на разболувањата, почнаа да и растат и нови запчиња (четворки) кои правеа многу проблеми. Два месеци постојано беше болна со мали прекини. Кога и да беше подобра ќе ја вративме во своето креветче, но спиењето беше полошо од претходно. Јас бидејќи веќе идев на работа бев преуморна да станувам неколку пати во вечерта. Ќе ја земев на сред вечер во спална и ќе ја оставев да спие до мене. Бев на граница да се откажам од целава приказна дека некогаш ќе почне да ја преспива цела вечер. Но, набргу после првиот роденден проблемот се реши и ја имавме првата преспиена ноќ 🙂

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Најстари
Најнови
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите