Божиќните празници се тука, а со нив и мирисот на цимет, каранфилче и свежо печени путер колачиња! Оваа година, решив да ви го споделам мојот омилен рецепт за божиќни колачиња – совршени за украсување, подароци или едноставно за уживање со топол чај или какао. А најубавото? Колачињата стануваат сѐ повкусни колку подолго стојат!
Состојки за тестото:
- 225 гр. брашно
- 75 гр. шеќер
- 1 и пол голема лажица мед
- 1 јајце
- 125 гр. путер
- 1/4 кесичка (3 гр.) пециво
- 1/2 мала лажичка цимет
- Pumpkin spice – зачин за тиква (опционално)
- Рендана кора од половина портокал
Подготовка:
- Мешање на состојките
Во длабок сад измешајте го брашното, шеќерот, пецивото, циметот и pumpkin spice. Додајте го медот, ренданата кора од портокал и јајцето. Во мало тенџере на тивок оган, растопете го путерот. Со рака или миксер започнете да мешате, а потоа постепено додавајте го растопениот путер. Замесете меко тесто. (Совет: Оставете 50 гр. брашно настрана и додавајте по потреба за да добиете компактно, а не суво тесто.) - Одмор на тестото
Замотајте го тестото во најлонска фолија и оставете го во фрижидер 20 минути.(Совет: Не се плашете ако тестото изгледа премногу меко и тешко за месење – кога ќе се излади во фрижидерот, путерот ќе се стврди и тестото ќе стане совршено за работа.) - Развлекување и обликување
На работната површина можете да поставите силиконска подлога или најлонска фолија за полесно работење, или едноставно набрашнете ја површината на која работите. Со сукало развлечете кора со дебелина од околу 5 мм. Со помош на калапи исечете форми – кругови, ѕвезди, gingerbread човечиња или останбати калапи со божични мотиви. - Печење
Наредете ги колачињата на плех обложен со хартија за печење. Печете ги во претходно загреана рерна на 200°C околу 10 минути, или додека рабовите не добијат златна боја.
Божиќната Традиција во Нашиот Дом 🎅
Колачињата ги подготвуваме со многу љубов, а Зои ужива да помага – особено кога вадиме форми од тестото. Овие колачиња имаат посебна улога за Божиќ: ги оставаме на масата заедно со чаша млеко како подарок за Дедо Мраз кога го носи подарокот. 🎁
Но, оваа година имавме мал проблем! Колачињата што ги направивме за Дедо Мраз не стигнаа до Божиќ – ги изедовме многу порано! 😂 Па моравме да направиме нова тура за да ја спасиме традицијата.
Совети за најдобар вкус:
- Колачињата стануваат сѐ повкусни ако ги оставите во затворена кутија 2-3 дена. Зачините и медот ќе го направат тестото уште помеко и поароматично.
- Доколку сакате, украсете ги со глазура, чоколаден прелив или шеќерни мрвици за уште попразничен изглед.
Пробајте го рецептот и споделете ги вашите фотографии и впечатоци во коментарите или на Instagram, користејќи го хаштагот #HomeWithZoe. Среќни празници! 🎄✨