Search here...
TOP
Мајчинство Спиење

Првата преспана ноќ

На 30.12.2021 година (13+ м) прв пат заспа и не се разбуди цела вечер. Спиеше од 7 часот вечер до 7:30 часот сабајле. Со Дејан за прв пат после цела година станавме наспани пред Зои да се разбуди. Беше наспана, расположена кога стана, а морам да признам дека и ние бевме пресреќни.

prvata prespana nokДва дена претходно откако заспа стана после еден час како и вообичаено.  Со Дејан планиравме да се обидеме со уште еден последен тренинг за спиење после нова година додека сеуште бев на боледување. Но, вечерта рековме да ја оставиме да видиме што ќе прави. Беше станата во креветчето и застаната на ќошот кој гледа накај вратата. Почна да плаче и рацете и беа испружени во правец на вратата. Чекаше како и вообичаено некој да влезе и да ја земе за да ја легне. Беше многу жално да се гледа, но плачењето беше под контрола и рековме ќе ја оставиме да плаче некое време. После 20тина минути престана да плаче и сама си седна на креветчето. Ова до сега не се случило и ни даде надеж да продолжиме. Постојано беше со прстот во уста што значеше дека и се спие. Само требаше да си легне и да заспие. Околу еден саат беше будна. Плачеше па ќе престанеше, повторно ќе станеше и ќе плачеше па ќе седнеше и конечно легна на креветчето па по некое време заспа. Бевме возбудени како да сме добиле на лото! Бидејќи беше незгодно легната, со едната нога надвор од креветчето моравме да влеземе во соба за да ја преместиме. Тогаш пак се разбуди и почна да плаче. Јас ја легнав, а она како и обично веднаш стана. Така неколку пати и Дејан влезе во соба ми кажа да искочам да видиме што ќе прави. Така и направив. Плачеше 15 минути и повторно сама си легна и си заспа. Потоа стана накај 4 часот (после 6-7 часа) и дадов да цица и продолжи да спие до крајот на вечерта. Наредниот ден бевме охрабрени од тоа што се случи минатата вечер и одлучивме да продолжиме со тренингот. После вечерната рутина, ја легнав во креветчето успана, ја бакнав, и посакав добра ноќ и искочив од собата. Беа потребни 15-20 минути за да заспие сама. После 8 часа спиење се разбуди, цицаше и си продолжи до сабајле. Бевме задоволни и да станува еднаш во вечерта. Третиот ден, како што кажав на почетокот заспа и не стана цела вечер. Постапката ја продолживме и за дневните дремки. Всушност овој период и ја скративме втората дремка целосно. Така, околу 12 часот ќе ја пресоблечев и ќе ја легнев во своето креветче. Веднаш излегував од собата и ја затворав вратата. Без воопшто да плаче, самата си заспиваше. Самата дремка и трае околу 2 часа. Во овој период и да се разбуди, ако не е наспана ќе продолжи да си спие. Вака продолжи да си спие цело време, преку ден и навечер. Се случува да се разбуди навечер, да прокенка, дури и да стане, но не трчаме веднаш во соба. Ја оставаме некое време и самата ќе си легне и ќе си заспие. Единствено се случува некои денови ако не е добро најадена за време на вечерата да стане и да не може да заспие подолго време. Во ваквите случаи ќе влезам во соба, откако ќе се нацица ја легнувам будна во креветчето, излегувам и ја оставам сама да си запие.

На крај, можам само да заклучам дека во изминатата година имам правено доста грешки, но откако почнав да читам и да се едуцирам околу спиењето на бебињата дознав многу работи кои почнав да ги применувам. Нешто делуваше, нешто не делуваше ама верувам дека сите тие работи придонесоа да и направам добри навики за спиење на Зои. Иако техниката која кај нас успеа беше cry-it-oud методот, сепак без претходните методи и техники кои ги правевме мислам дека немаше да успееме. Така што се она што го правевме изминатиот период имаше позитивно влијание.

Сонот за бебињата и малите деца е премногу важен за нивниот развој. Знам дека има многу мајки кои се борат со спиењето и заради оваа причина сакав на долго и на широко (можеби премногу долго) да ја пренесам нашата приказна. Се надевам дека нешто од ова што ќе го прочитате ќе го примените и можеби ќе ви помогне во тоа вашето бебе да има мирен и убав сон.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите