Search here...
TOP
Мајчинство Спиење

Нашата приказна за спиењето (4-6 месеци)

По воведувањето на вечерната рутина за спиење работите навистина тргнаа во подобра насока. Зои многу полесно заспиваше, имаше константно време кога заспиваше и тоа беше во разумно време (во 21:00 часот). Но, четвртиот месец се случи нештото од кое се плашев, а тоа е регресија на спиењеto (sleep regression). Оваа појава е многу честа кај бебињата после фазата на новороденче, се појавува кога ќе наполнат 4 месеци. Регресијата на сонот е време кога се менуваат шемите на спиење кај бебињата, тие често се будат во текот на ноќта и потешко заспиваат. Навистина, Зои почна да се буди на секои 15-20 минути. Ако во првите три месеци спиеше 4-6 часа, па се будеше за доење и продолжуваше, сега почна да се буди значително почесто. Ова беше навистина исцрпувачко за мене и за Дејан. Иако регресијата трае вообичаено две недели, во нашиот случај траеше повеќе од два месеци.

Нашата приказна за спиењето (4-6 месеци)

Истражувавме за најразлични програми и тренинзи за спиење, применуваме различни техники, но се чинеше дека ништо не помага. Како најпопуларни методи на тренинг за спиење се Cry-it-out и Ferber метода. Cry it out методата подразбира да се остави бебето во креветчето целосно будно и да се остави да кенка или плаче додека не заспие – без ваша помош. Тоа значи дека не смее да се дои/храни за да заспие, да се нишка, лула или пак да се користи било каква друга техника за заспивање. Поентата на тренингот на спиење не е бебето да не се разбуди во текот на ноќта (сите го прават тоа, дури и возрасните), ниту пак да ја помине цела ноќ без хранење. Целта е да го научите бебето да заспие самостојно, без ваша помош. Втората метода е Ferber – каде што се остава бебето во креветче полу-успано. Се остава бебeто да плаче одреден временски период, потоа се враќа во собата многу кратко за да се утеши бебето (без да се земе од креветчето). Вториот пат повторно се излегува од собата, но овој пат временскиот интервал е подолг. Постапката се повторува повеќе пати и повеќе денови додека не се научи бебето само да заспива.

Еден ден Зои заспа и после 20 минути се разбуди како и вообичаено. Рековме ќе пробаме да ја оставиме да видиме колку време ќе и треба за да заспие сама. Поминаа 15 минути, но она не престануваше да плаче. Влегов во соба, за да ја утешам (по инструкции на Ferber методата) и повторно излегов од собата. Поминаа уште 10 минути каде плачеше без престан, дури почна да губи воздух. Тогаш веќе не можевме да издржиме и влегов да ја земам во раце. Целата беше препотена и и требаа добри 5-6 минути додека се смири. После некоја недела имавме уште еден обид на тренинг во спиењето, но по константно плачење половина час, повторно се откажавме. Едноставно, овие методи не се за секој родител и за секое бебе, сепак знам многу успешни приказни (меѓу кои и нашата, месеци подоцна) па мислам дека вреди да се проба како ќе реагира бебето.

Бидејќи проблемите продолжија и во шестиот месец, се решивме да се јавиме и да се консултираме со Сања од Dr.GoodNight која е сертифициран тренер за спиење. Таа ни дадe кратки насоки и упатства што да правиме. Се решивме да пробаме уште истата вечер. Беше потребно 30 минути за да заспие сама. Малку кенкаше, но не беше ништо во споредба со плачењето на cry-it-out обидот. После два часа повторно се разбуди (како и вообичаено) и повторно по насоките кои ни беа дадени заспа за 15 минути. Повторувавме неколку пати во вечерта и супер поминавме. Наредниот ден, веднаш се осети разликата со дневните дремки. Првата дремка спиеше околу два часа што до тогаш се немаше случено. Ја гледав, се будеше на неколку пати, но сама се успиваше и продолжуваше да спие. Наредниот ден процедурата за успивање траеше 15 минути. Спиеше скоро 4 часа и се будеше само два пати за јадење. Така продолживме неколку недели и со текот на времето повеќе не беше потребно никаква помош од наша страна за да си заспие. Конечно Зои се врати во нормала како што спиеше во првите три месеци, а бонус беше тоа што одлично спиеше преку ден.

Во однос на насоките и упатствата кои ги добивме беа да не ја заспиваме со доење, да ја легнеме будна на креветчето (по вечерната рутина) и да седиме до неа тапкајќи ја за газето или грпчето и да правиме шшш…шшшш….шшшшш постојано додека сама не заспие (Shush Pat Method).

Многу родители го дојат или лулаат новороденчето за да заспие, мислејќи дека тоа е единствениот начин да го натераат бебето да спие. Проблемот со овие техники на спиење е тоа што наскоро тоа ќе стане единствениот начин на кој бебето ќе може да заспие. Кога бебето заспива во прегратките на неговата мајка, а потоа се буди во креветчето (на друга локација) без градите во уста, станува тешко за него повторно да заспие. Правењето на методот Shush Pat е едноставно. Додека бебето лежи во креветчето, го тапкате на грбот или газето додека истовремено му шепотете шшш шш во увото. Тапкањето треба да е цврсто и со стабилно ритмичко движење, како звукот на срцебиење или часовник. Методот се повторува додека телото не се опушти и не се забави дишењето. Може да потрае 20 минути и повеќе. Најважно е да не се престанува со методот предвреме, треба цврсто да заспие бебето, наместо да престанете порано и тоа да се разбуди по што целата процедура треба да се прави од почеток.

Во однос на спиењето преку ден благодарна сум што истражувањето ме наведе да откријам дека кај бебињата постојат таканаречени прозорци на будност (wake window). Прозорците на будност се временски периоди кога бебето е будно (прилично само објасниво, нели!) Но, тие се важни за тренингот за спиење бидејќи следењето на овие периоди гарантира дека бебето нема да се преумори. Понекогаш чекаме бебето да покаже знаци дека му се спие, мене ми се случуваше да не можам да ги протолкувам овие знаци, што доведуваше до тоа Зои да биде премногу уморна, што верувам дека го отежнуваше заспивањето. Доволно е да знаете дека за секоја возраст постојат различни прозорци на будност, односно дека тие се зголемуваат како што расте бебето. Во посебен пост детално ќе ги објаснам прозорците на будност за секоја возраст. Откако почнав да го применувам овој метод, дремките преку ден станаа предвидливи, точно знаев колку пати треба да спие Зои и колку време треба да биде будна и активна. Кога ќе дојдеше времето за новата дремка (за ова гледав буквално на саат користејќи ја апликацијата Baby Care), без да даде посебни знаци за спиење ја легнував и заспиваше релативно брзо.

Првите три месеци користевме цуцла лажливка, но со тек на време цуцлата повеќе не ја сакаше. Затоа си го откри палчето кое си го ставаше во уста и го шмукаше. Тоа и беше начин на смирување, помош за заспивање и само така ако се подразбудеше можеше сама продолжи да спие. Транспортното креветче веќе и беше мало, па решивме да го донесеме бебешкото креветче од детска во спална соба.

Приказната со спиењето продолжува во трет дел (7-9 месеци). Но, имам напишано повеќе блог-постови за детално да ја доловам се до моментот на првата преспана ноќ.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
2 Comments
Најстари
Најнови
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите
Марија
Марија
1 година пред

Алал да ви е како ви успеало да ја научете сама да заспие и презаспие. Браво. Јас и тоа се обидов, и се консултирав со Сања, и правев се како што таа велеше, но со нашиот дечко ништо не успеваше. Успеавме цела недела да го заспиваме без да го шетаме, јас ќе го оставев во креветчето и никако не го зимав, ќе седев до него и ќе му пеев и смирував, но се успиваше секоја вечер по 1 час, се будеше пак исто, многу плачеше и тагуваше по мене, што на крај се разболе, фати ларингит и качи температура. Од тогаш реков, и ветив дека само него ќе го следам, ако сака да го нишкам и дојам така ќе правам, само да не се вознемирува.