Можеби најважното нешто што треба да го знаете кога станува збор за спиењето на Вашето бебе се прозорците на будност. Прозорците на будност се во основа време кога вашето бебе е будно помеѓу дневните дремки. Знаеме дека новороденчињата поголем дел од времето го поминуваат спиејќи. Но, како што стареат, должината на прозорците на будност драстично се менуваат и стануваат подолги. Според тоа, постојат различни прозорци на будност во зависност од возраста на детето. Истите се претставени во табелата подолу:
Старост |
Прозорец на будност |
0-8 недели |
30-60 минути |
8-12 недели |
60-90 минути |
12 недели – 4 месеци |
1.5-1.75 часа |
4–6 месеци |
2-2.5 часа |
6-9 месеци |
2.5-3 часа |
9-12 месеци |
3-4 часа |
12-18 месеци |
3.5-5.5 часа |
18 месеци – 3 години |
+6 часа |
Треба да знаете дека сите бебиња се различни. Следете ги за да ги видите знаците на поспаност како триење на очи, зевање, цуцање прст, плачење, гледање во далечина…Споредете ги овие знаци на поспаност со прозорците на будност дадени во табелата.
Зошто е толку важен прозорецот на будност?
Причината е многу едноставна. Ако се надмине времето во кое бебето е будно, тоа е премногу стимулирано, преуморено и многу потешко заспива. Покрај тоа што потешко заспива и самото спиење е помалку квалитетно и пократко.
На почетокот, во првите 6 месеци ми беше многу тешко да проценам кога и се спиеше на Зои. Но, следејќи ги овие препораки ја легнував во предвиденото време и таа без проблем заспиваше. За мене ова откритие беше вистински „game changer“ и многу ми помогна во тоа да и направам добра рутина за спиење. Бидејќи времето брзо лета, времето на заспивање го бележев во една апликација на мобилен која ми покажуваше колку време спие и колку време е будна па ми беше многу полесно да ја креирам и да се придржувам на дневната рутина.
Доколку не е доволно јасно, што означува прозорецот на будност сакам да објаснам со еден пример. Доколку бебето е на возраст од 4-6 месеци, треба да биде будно од 2 до 2.5 часа пред да го легнете да спие. Кога ќе стане од спиење, повторно треба да поминат 2 до 2.5 часа во кој период бебето е будно и активно за да го легнете за втората дремка итн.
Табела со распоред за спиење
Освен прозорецот на будност, ме интересираше и колку е нормално да спијат бебињата, колку дремки треба да имаат на одредена возраст и кога треба да заспиваат. Табелата која ја гледате во продолжение е преземена од книгата на Marc Weissbluth со наслов Healthy Sleep Habits, Happy Child и истата е малку модификувана од моја страна, според моето искуство.
Старост |
Број на дремки | Времетраење на дремки | Прозорец на будност | Вечерно заспивање | Вечерно спиење |
Вкупно спиење (ден и ноќ) |
0-8 недели |
4-8 дремки | 15 минути – 4 часа | 30-60 минути | Варира, но најчесто е покасно 21:00-23:00 | 8-14 часа |
14-18 часа |
8-12 недели |
3-4 дремки | 30 минути – 2 часа | 60-90 минути | Варира, но најчесто е покасно 20:00-23:00 | 8-13 часа |
11-15 часа |
12 недели – 4 месеци |
3-4 дремки | 30 минути – 2 часа | 1.5-1.75 часа | Варира, но најчесто е покасно 20:00-23:00 | 8-13 часа |
11-15 часа |
4–6 месеци |
3 дремки | 1-2 часа | 2-2.5 часа | 20:00–22:00 | 9-12 часа |
12-14 часа |
6-9 месеци |
2-3 дремки | 1-2 часа | 2.5-3 часа | 19:00-20:00 | 9-12 часа |
12-14 часа |
9-12 месеци |
2 дремки | 1-2 часа | 3-4 часа | 19:00-20:00 | 10-12 часа |
12-14 часа |
12-18 месеци |
1-2 дремки | 1-2 часа | 3.5-5.5 часа | 19:00-20:00 | 10-12 часа |
12-14 часа |
18 месеци – 3 години |
1 | 1-2 часа | +6 часа | 19:00-20:00 | 10-12 часа |
11-14 часа |
Намалување на бројот на дремки
Нас ни беше доста тешка транзицијата помеѓу дремките односно периодот кога се намалуваше бројот на дневни дремки (посебно преминот од три на две дремки и од две на една дремка). Овој период треба да го препознаете по тоа што се пролонгира времето на прозорецот на будност, а со тоа и на вечерното заспивање. Откако ќе помине овој период и ќе се скрати едната дремка, се воспоставува нова рутина која трае одреден период.
За оние бебиња кои почнуваат да идат во градинка по 9 месеци како во нашиот случај потребно е посебно прилагодување на рутината затоа што во градинките времето за заспивање е подолго од прозорецот на будност кој е предвиден за возраста на детето. Набргу по земање на бебето од градинка доаѓа времето за втората дремка, а во овој период најчесто бебето ја сака близина на родителите и можно е да не сака да заспие. Во нашиот случај, Зои заспиваше многу доцна за втората дремка, а со тоа се пролонгираше вечерното заспивање и се скратуваше спиењето навечер. Кога Зои беше 11 месеци ние ја скративме втората дремка и повторно се вративме во нормален распоред.
За крај сакам да кажам дека не треба строго да ја гледате табелата или пак да се загрижувате зошто вашето бебе спие подолго или пократко, зошто легнува порано или покасно или зошто прозорецот на будност се разликува од оној кој е даден тука. Сепак, сите бебиња се индивидуални и овие информации треба да ви послужат како насока да го разберете бебето и неговите шеми на спиење. Мене многу ми имаат помогнато и во голема мера одговарале на она што го имам искусено со спиењето на ќерка ми. Се надевам дека ќе ви помогнат и на вас 🙂