Search here...
TOP
Мајчинство Спиење

Нашата приказна за спиењето (0-3 месеци)

Кога ќе помислам колку многу грешки имаме правено во поглед на спиењето, во првите три месеци од раѓањето на Зои ми иде да се фрлам во Вардар. Ова најискрено се должи на недоволна едукација од моја страна и јас целосно се обвинувам самата себе си.

Нашата приказна за спиењето (0-3 месеци)

Додека бев трудна, бев опседната само со тоа како ќе помине пораѓајот, дали и колку ќе боли, дали бебето ќе биде во ред? Целата енергија ја трошев гледајќи видеа и читајќи книги за бременост и пораѓај, средувајќи ја детската, снабдување со сите работи кои се потребни за бебето.

Си мислев дека кога ќе се породам се ќе биде полесно. Дури со Дејан цело време зборевме како бебето ќе си спие во свое креветче, во неговата соба. Дека нема да дозволиме да ни ја наруши приватноста и интимноста во спална. Си мислев дека откако ќе го нахранам само ќе го спуштам во креветчето и тоа ќе си заспие. Дека така ќе си спие цела вечер и со саати преку ден.

Нормално, кога се роди Зои ништо не беше онака како што замислувавме. Од првиот ден спиеше со нас во спална, но во посебно транспортно креветче. Мислам дека од безбедносни причини така е најсигурно, а и родителите да имаат подобар сон. Беше лесно да ја земам сред вечер, да ја надојам и повторно да ја вратам во креветчето.

Во првите три месеци најголемиот проблем беше спиењето преку ден, а навечер беше проблем додека да заспие. Заспиваше обично во периодот 23.00 часот до 1 часот по полноќ. Некогаш се случуваше да заспие и во три часот. Попладнето беше повознемирена, тоа мислам дека се должеше на грчевите и на тоа што не спиеше убаво преку цел ден. Добрата страна беше тоа што кога ќе заспиеше, спиеше 4-6 часа без прекин, потоа на два пати се будеше за цицање и продолжуваше да спие уште по 2 часа. Значи поголем дел од вечерите ние спиевме 8-10 часови со две будења. НАЈГОЛЕМАТА ГРЕШКА што ја правевме беше тоа што намерно ја држевме будна подолго време пред спиење. Мислевме дека ако ја преумориме подобро ќе спие ноќта. Но, отпосле се едуциравме дека ако бебето се преумори многу потешко запива. Затоа всушност имавме проблем да ја заспиеме навечер. Само размислете дека и ние возрасните сме исти. Ако ни се спие и правиме нешто за да ни помине сонот, потоа од умор не можеме да заспиеме.

Од друга страна, преку ден, не знаевме колку пати и по колку време треба да спие. Ова се работи кои никој не ни ги кажа иако често знаевме да се советуваме со блиски луѓе кои се „тазе“ родители. Единствено сите ни викаа бебе од 24 часа треба да спие повеќе од 15-16 часа. Зои преку ден прашање е дали спиеше по 2 часа вкупно.

Откако признавме дека имаме проблем со спиењето, почнавме поактивно да читаме и да се едуцираме како да го подобриме спиењето на Зои. Така на почетокот на третиот месец воведовме ноќна рутина за спиење. Во 9 часот ја носевме во соба со пригушена светлина за да ја пресоблечеме, потоа ја носевме во спална каде беше пуштено апаратчето за бели звуци (white noise). Ја повиваме во специјална вреќичка за спиење (swaddle) за да не може да мрда со рачињата бидејќи приметивме дека рефлексно мрда и се буди (моро рефлекс). И давав да јаде, заспиваше и ја остававме во креветче да спие. Веднаш осетивме промена и подобрување во спиењето навечер. Многу порано си легнуваше, тоа време беше константно и значително полесно заспиваше. Преку ден сеуште имавме проблем со спиењето. Обично заспиваше цицајќи, а откако ќе ја спуштев се будеше веднаш или спиеше по 15-20 минути. По некое време сфатив дека правам голема грешка што бебето нема константно место за спиење (ова го научив можеби после 5-6 месеци). Зои спиеше во дневна на гарнитура, во релаксатор, во раце, во транспортер, во транспортер и во лулашка, во кола, во креветче во детска, во транспортно креветче во спална, на креветот од спална…ама буквално на сите места во станот каде што можеше да ја ставиме таа спиеше. Исто така, грешка правев со тоа што ќе заспиеше на едно место па ја префрлав на друго место. Повторно покасно открив дека е збунувачки за бебињата кога ќе се разбудат во поинакви околности или поинаква средина од онаа во која заспале. Замислете и вие дека сте си заспале удобно во својот кревет, а се будите на сосема различно место. Секако ќе бидеме збунети и исплашени.

Грешки, грешки, грешки… само грешки со спиењето. Можеби некој ќе каже „така ти се погодило бебето, да не сака да спие“, но јас не верувам во тоа. Јас самата, несвесно и направив лоши навики за спиење и потоа со месеци се трудевме истите да ги исправаме. Добредојдовте во моето патешествие за спиењето, се надевам овие приказни и моето искуство ќе ви помогнат да не ги правите истите грешки и да имате поуспешна приказна за спиењето од самиот старт.

Приказната со спиењето продолжува во втор дел (4-6 месеци). Но, имам напишано повеќе блог-постови за детално да ја доловам се до моментот на првата преспана ноќ.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
2 Comments
Најстари
Најнови
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите
Марија
Марија
1 година пред

Како да се читам самата себеси. Истата бев и јас. Пред породување се едуцирав за буквално се’, од бањање, прошетки, цицање (добро е, барем со тоа немав поголем проблем), мода, детска соба, удобно креветче, сигурна дека по 6м сам ќе спие во посебна соба (ха, ха, ха). Потоа почнав да се едуцирам за спиењето, голема поддршка имав и од сопругот, ама многу тешко ни одеше. Постојано патувавме и мислам дека тоа беше најголемата пречка за детето да се навикне да спие. Се будеше многу често начевер, денски ќе спиеше, но со презаспивање, нишкањае, лулање. Слатки (или не толку слатки) маки 🙂