Search here...
TOP
Зои Мајчинство

Една година и првиот роденден

Просто не ми се верува дека помина една година откако се роди Зои. Толку многу работи се случија, толку многу порасна и се смени во овој период. Гледајќи ги сликите наназад сфаќам дека многу се има сменето физички, од мало и беспомошно бебенце стана мало детенце. Но, покрај физичкиот изглед, не можам да верувам колку многу напредна во однос на менталниот и физичкиот развој. Постепено, месец по месец, почна прво да се превртува, па да седи, да лази и на крај целосно да прооди. Иако се уште не збори, почна да разбира многу работи, цели фрази и реченици. Не можам да опишам колку ми е драго што го отворив овој блог и што на него го опишувам напредокот на Зои секој месец. Во секое време можам да се навратам и да прочитам што се случило и на која возраст, да се потсетам и да се вратам на тие драги спомени.

Срамежлива фаза

Минатиот месец останавме две недели дома и за овој период многу се приврза со мене и Дени. Почна да станува срамежлива и не сакаше да оди кај никој друг освен кај нас двајца.

Плачеше дури и кога ќе ја земеа бабите и дедовците кои инаку често ги гледа. Оваа фаза траеше околу еден месец, веќе по првиот роденден се врати во нормала.

Нови запчиња

Никнаа две нови запчиња месецов. Горна двојка (лево) и горна четворка (десно). Откако и излегоа запчињата повторно и се врати апетитот и спиењето за нијанса се подобри.

НастинкиZoi zajce na 12 meseci

Добивме негативен брис од стрептококата, што посебно не израдува. Месецов беше добра, но веќе наредниот месец, брзо после роденденот се разболе со дијагноза Пневмонија. Имаше отежнато дишење и температура, цел ден беше омалаксана. Ја однесовме во Козле за да ја прегледаат. Крвната слика воопшто не беше добра и ЦРП беше покачено. Ни дадоа антибиотик ТРИЦЕФ и вентолин капки за да и правиме инхалација. Една недела го пиевме антибиотикот и кога бевме на контрола кај педијатарот беше одлична. Крвната слика исто така и беше добра. Но, веќе после два дена повторно почна да кива и да и тече носот, а наредниот ден повторно имаше отежнато дишење, како да се бори за воздух. Ја однесовме на Клиника за детски болести каде ни кажаа дека Пневмонијата се има вратено. Повторно ни дадоа антибиотик, овој пат СУМАМЕД кој е најјакиот антибиотик за респираторни болести. Продолживме со инхалации со физиолошки раствор со додаток Вентолин капки и Cortair (кортико препрат). Еден месец и две недели останавме дома за добро да се излечи и да и зајакне имунитетот.

Одење

На почетокот од месецот се повеќе се пушташе сама да оди и правеше 4-5 чекори самостојно пред да паднеше. Неколку дена претходно со Дејан се шетавме држејќи ја за раче подолг временски период, додека не се умори. Мислам дека тоа имаше улога во нејзиното брзо проодување. Морам да признам дека периодот на проодување воопшто не ни беше заморен. Има голема разлика од пред неколку месеци (пред да почне да лази) кога сакаше да ја држиме за раце и да оди. Тогаш ја држевме за двете рачиња, бидејќи само со едно воопшто не беше стабилна и веднаш се извиткуваше и паѓаше. Тогаш за да оди моравме да бидеме наведнати и навистина беше напорно. Навистина, кога беше спремна физички да оди, таа сама почна да се исправа на мебелот и да прави по некој чекор. Потоа ја придржувавме само за едно раче (исклучиво левото) и таа сама си одеше. Вака јас бев сосема исправена и воопшто не ми беше тешко. За две недели веќе целосно прооди. Во процесот можеби падна милион пати, но, самата си станува и продолжува додека не го усоврши одењето.

Прв роденден

Дојде и првиот роденден. Отсекогаш ми биле малку чудни фештите што обично се прават за првиот роденден. Полно гости во ресторан, слатки маси, обрач со балони, украсени торти, облеки и ред други ситници кои и тоа како коштаат многу пари. Парите на страна, сфатив дека ваквиот роденден се прави заради мерак на родителите (посебно мајката), а не за детето. Детето само би било измалтретирано и уморено без потреба. Тоа секако не разбира и не му се потребни толку непознати луѓе и ништо не му значат убавите декорации.

Навистина бев во мало искушение како што се ближеше роденденот, но се решив да бидам доследна на мојот став и роденденот да го прославиме на начин каде што на Зои ќе и биде забавно и интересно. Така, дента на роденденот со Дејан земавме ден од одмор за да го поминеме цел ден заедно. Откако станавме од спиење веднаш пуштивме музика и игравме на песничката „Роденденската песна на Биби“. Се забавувавме сите тројца. Доручкувавме и ја легнавме Зои за првата дремка. Во меѓувреме направив здрава верзија на торта која беше наменета за cake smash фотосесија. Откако стана од спиење, набрзина се облековме и искочивме за роденденската фотосесија на Зои. Фотосесијата ни беше поклон од другарка ми од детство, Ема. Бев малку загрижена како ќе поминеме поради срамежливата фаза на Зои, но беше одлична и многу расположена. Кога фотосесијата заврши ја однесовме Игротека & Кафе Плеј. Таму два часа сите заедно игравме додека не се умори и не и се приспа. Веднаш заспа во кола, а откако стана седнавме на убава вечера во Pastrmajlija & Grill House. Викендот имавме гости, само најблиските, еден ден моите, друг ден на Дејан неговите.

Достигнувања

Најголемото достигнување е тоа што прооди. Веќе може и да клекне за да земе нешто и сама да стане без да се придржува. Се нервира кога од раце ќе и се земе некој предмет и да плаче ако нешто не и дозволиме да прави. Почнува да ги гушка плишаните играчки. Знае да земе телефон во рака, го става на уво и вика „АЛО“ и „ДА“. Сака да се качува на гарнитурата, но многу и е висока, па затоа и ставивме еден душек за да може да се поткачи полесно. На сите прашални реченици одговара со „ДА“. Пред роденденот ја учевме да покаже колку годинки има ама не успеавме. Затоа пак кога ќе ја прашаме „Колку е голема Зои“, таа ги крева рацете во вис за да покаже дека е многу голема. Разбира фрази како: „Да миеме рачиња“, „Да фрлиме ѓубре“, „Каде се кондурчињата“ и слично.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите