Search here...
TOP
Зои Мајчинство

Пет месеци сме заедно

Zoi 5 meseci so zajcinja

Да почнам од болната точка. Спиењето. Проблемите продолжија и овој месец и знаев дека нешто треба да се преземе. Прво, покажа знаци дека може да заспие сама. Неколку пати се случи (за време на дневните дремки) после доењето да продолжи да си лежи во кревет до мене па по некое време сама да си заспие. Ова веднаш го искористив и почнав за време на дремките да ја легнувам во нејзиното креветче за да ја успивам. Почнав да и зборам тивко па да и пеам и во исто време и давав цуцла. Некогаш беше успешно, некогаш неуспешно. Ја гледав како се мачи да заспие сама и почнав да истражувам што можам да направам за да и олеснам да научи да заспива. Прво нешто што го открив беше прозорец на будност или wake window. Колку ми е криво што не се информирав претходно дека бебињата секој месец имаат различен прозорец на будност. Според истражувањата во петиот месец (4+ месеци) бебињата треба да бидат будни 1.5 часа. Значи откако ќе стане од спиење треба повторно да се заспие после тој временски период. Можам да потврдам дека ова вистина функционира. Просто не ми се веруваше од една страна, а од друга страна се лутев на себе си што во првите месеци кога прозорецот на будност е далеку помал Зои беше будна и повеќе од 2-3 часа. Значи дневните дремки значително се подобрија откако почнав да гледам на саат колку време е будна. Најчесто ја успивав во спална лежејќи додека ја доев бидејќи беше најлесно на овој начин да продолжи да спие. Почна преку ден да има константни дремки и да се формира распоредот на спиење. Дремките најчесто траеа 30-40 минути, а поретко 1-2 часа. Проблемот остана со ноќното спиење кое никако не можевме да го подобриме или барем да го вратиме како што беше порано. Па си рековме единствено чаре е да пробаме со тренинг за спиење (Sleep Training). Постојат повеќе методи на тренинг за спиење од кои најпопуларна е Cry-it-out или Ferber метода. Поентата е да го оставиш бебето да плаче додека само не заспие и на тој начин со повторување од неколку денови би му требало се помалку време за заспивање додека не си заспива самото без никаков проблем. Така еден ден Зои заспа и после 20 минути се разбуди како и вообичаено. Рековме ќе пробаме да ја оставиме да видиме колку време ќе и треба за да заспие сама. Поминаа 15 минути, но она не престануваше да плаче. Влегов во соба демек да ја утешам (по инструкции на Ferber методата) и повторно излегов од собата. Поминаа уште 10 минути каде плачеше без престан, дури почна да губи воздух. Тогаш веќе не можевме да издржиме и влегов да ја земам во раце. Целата беше препотена и и требаа добри 5-6 минути додека се смири. Тоа беше нашиот прв обид (не и последен) на тренинг во спиењето. До крајот на месецот спиењето навечер остана исто, со често будење.

Zoi zajce 5m

Исхрана

На редовната контрола на педијатарот ни кажа дека веќе можеме од четири ипол месеци да почнеме да и даваме да пробува вкусови. Не ми е јасно зошто сите педијатри во Македонија кажуваат да се почнува ова време со вкусови кога на запад инсистираат на ексклузивно доење до шест месеци. Јас сепак се решив овој месец да не почнам со цврста храна и го одложив тоа за наредниот месец (5+ месеци).

Вакцини

Овој месец согласно календарот за имунизација отидовме да ги примиме предвидените вакцини. Педијатарот рече дека нема потрба од крва слика (иако во поликлиника ни побараа, но не правеа проблем зошто немавме направено крвна слика). Прими седум вакцини. Првата РОТА орално, потоа со игла во едната нога петовалентна и со игла во другата нова СТРЕПТОКОКА. Се зачудив колку беше храбра Зои, воопшто не заплаче при примање на петовалентната вакцина. Сепак, како што кажа и сестрата, вакцината за стрептокока при ставање печела па почна малку да плаче после убодот од инекцијата. Среќа и овој пат немавме никакви реакции по примањето на сите вакцини.

Достигнувања

Најголемо достигнување овој месец е што почна да се досегнува по играчки. Значи кога лежеше почна да ги дофаќа играчките од игралната (Baby Gym). До тогаш фаќаше играчка кога ќе и се подаде, но сега почна и да ги крева рацете за да посега по играчки или предмети. Исто така овој и дел од претходниот месец почна да го приметува Дуфи (нашата мачка). Посегна по него и го погали. Веќе се превртува многу лесно, исклучиво само на левата страна и многу повеќе сака да седи на стомак. Исто така покажува знаци дека сака да седи. Самата се напнува за да се исправи, но ние од страв дека е уште мала многу малку и дозволувавме. Може да стои и на нозе стабилно, нормално ја придржуваме.

Првото патување со спиење надвор од дома

Отидовме на два дена во Струмица да се прошетаме. Половина пат го преспа и беше мирна, веќе на крајот, последниот половина час и се смучи и почна да кенка. Поминавме одлично! Во смештајот имаше голем двор со треба, рекичка која поминуваше и едно куче на кое Зои премногу ми се радуваше. Бевме на водопадите, а она уживаше во природата седната во кенгур.

Месецов Зои порасна 2 сантиметри и качи 510 грама. Сега Зои има 65 сантиметри и е тешка 7 килограми и 150 грама.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите