Search here...
TOP
Животен стил Рецепти

Здрава торта за прв роденден (cake smash)

Не можам да верувам дека го прославуваме првиот роденден на Зои! Сакав да направам фотосесија со кршење торта (cake smash), но сакав тортата да биде без шекери за да може без проблем да јаде од неа. Затоа го направив овој рецепт за здрава торта – направена е со овесно брашно, засладено со банани (без додаден шеќер) и навистина лесно се прави!

Што е Smash Cake?

Некои фрази е тешко да се преведат на македонски јазик. За Smash Cake најсоодветно би било кршење, гмечење или растурање на торта. Ќе го користам терминот Smash Cake затоа што не можам да најдам најсоодветен превод на македонски јазик. Тоа е всушност мала торта која треба да ја растури вашето малечко – таа не е за послужување на толпа луѓе. Поентата на Smash Cake е вашето малечко да си ги забие рацете во тортата и играјќи со неа се прават одлични фотографии за спомен од првиот роденден!

Состојки за Smash Cake

torta-sostojki

Потребни се помалку од 10 состојки за овој рецепт. Најверојатно состојките веќе ги имате при рака!

  • 2 мали бабани (добро пасирани)
  • 1 големо јајце
  • 1.5 супена лажица маслиново масло (може да користите и користите кокосово масло. Истото треба да биде стопено и изладено на собна температура)
  • 1 супена лажица млеко
  • 1/2 кафена лажичка екстракт од ванила
  • 100 гр овесно брашно (овесни снегулки ги измелив во брашно користејќи Нутрибулет)
  • 1 кафена лажичка прашок за пециво (за нараснување на колачот)
  • цимет (за вкус)

Напомена: Состојките се однесуваат за еден слој од тортата. Постапката ја повторувате повеќе пати за да добиете поголема торта. Јас тортата на Зои ја направив на три спрата и мислам дека изгледаше супер!

Алатки за печење

  • калап за печење (го земав од зелено пазарче за 100 денари, но го има во повеќето продавници за домакинство. Калапот што го користв е 20см, а ако најдете помал би било уште подобро)
  • топер за торта (го нарачав од алиекспрес за 300 денари)

Како да ја направите тортата

Рецептот е премногу лесен за правење. Најпрво додадете ги сите влажни состојки: испасираните банани, јајцето, маслото, ванилата и млекото. Потоа додадете ги сувите состојки: овесното брашно, прашокот за пециво и циметот за вкус. Мешајте ги состојките додека тестото не се изедначи. Тестото го ставате во калапот и оставате да се пече на 180°C. Го печев 20 минути, но бидејќи печењето во голема мера зависи од рерната сметам дека е подобро сами да процените.

СОВЕТ: Во тавчето ставете хартија за печење исечена во круг, а рабовите на тавчето намачкајте ги со масло за да не се расипе формата на колачот.

СОВЕТ: За да проверите дали тестото е печено, по 20 минути земете дрвена чечкалица и боцнете во тестото. Ако чечкалицата е сува пандишпанот е готов, ако е мокра тогаш е потребно да се попече уште малку.

Откако трите пандишпани ќе се испечат (или колку и да решите да направите) и ќе се оладат може да ги филувате. Пандишпаните може да ги направите и еден ден однапред и да ги оставите во фрижидер преку вечер.

Здрави опции за филување на тортата

Доста размислував како да ја филувам тортата без да користам шеќер. Истражувајќи низ разни рецепти дојдов до две опции:

  1. Шлаг од кокос – Една конзерва конзервирано кокосово млеко, разладено најмалку 6 часа. Обидете се да не ја тресете конзервата, за да го држите кремот одвоен од водата. Кремот потребно е внимателно да го извадете и да ја фрлете течноста. Кокосовиот крем ставете го во метален сад (по можност претходно оладен) и изматете го со електричен миксер. Можете да користите прехранбена боја ако сакате да го обоите филот. 
  2. Фил од грчки јогурт – Грчкиот јогурт е неутрален по вкус и може да се користи и за слатки рецепти. Бидејќи овој јогурт е доста цврст, може лесно да се намачка како фил на тортата. Го користев грчкиот јогурт на Олимпус бидејќи го имав пробано од претходно и знаев дека структурата му е доста густа и може да се користи за филување на тортата.

Филувајте го првиот пандишпан со неколку лажици од филот. Потоа ставете го вториот пандишпан и ставете го во фрижидер 15 минути. Потоа филувајте го остатокот од торатата. Мене ми беше целта тортата да има порустичен изглед и да се гледа дел од пандишпанот.

Во однос на филот, поедноставно и посигурно ми беше да го користам грчкиот јогурт и искочи одлично. Доколку некој проба со другиот фил нека пише во коментар дали е успешно 🙂

Тортата е здрава, лесна за правење и многу евтина. Најважно Зои супер се забавуваше и искочија прекрасни слики од фотосесијата 🙂

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите