Search here...
TOP
Зои Мајчинство

Предизвиците во четвртиот месец

Разликата од новороденче до бебе е повеќе од очигледна. Повеќе не е здрвена кукла која седи во положба во која што си ја оставил. Сака да си игра, да се смее, внимателно ги следи работите кои се случуваат и се радува на овој чуден, за неа непознат свет!

Овој месец почна да сака да седи во релаксаторот. Претходно ја стававме цело време ама бидејќи беше многу малечка се приметуваше дека не и беше многу удобно. Главчето и беше навалено надолу и се нервираше ако ја оставевме подолго време. Но сега обожаваше да си седи во релаксаторот. Ја ставевме сред соба, ќе и пуштевме музички спотови или цртани и си седеше подолго време. Тогаш прв пат после три месеци со Дејан можевме сабајле да си седнеме на тераса и на раат да си пиеме кафе.

Запознавање со рачињата

Веќе има добра координација со рацете. Почнува да ги фаќа и да ги држи играчките самостојно. Првата играчка и беше Sophie жирафата, навистина одлична играчка затоа што можеше лесно да ја фати од било која страна, да ја разгледува, врти и нормално да ја става во уста. Буквално се што ќе и се даваше веднаш прво го ставаше во уста и тоа е во ред затоа што бебињата имаат вродена потреба со усните и јазикот да ги истражуваат предметите и според мене не треба да се забранува. Треба да се внимава на хигиената на она што ќе и се даде за да стави во уста, но јас не сум претерувала со стерилизирање на играчките и предметите кои ги става во уста. Верувам дека е полошо за здравјето на детето ако се чува во стаклено ѕвоно и дека треба да си игра па макар и да има контакт со некои бактерии. Одвреме навреме играчките ќе ги попарам со врела вода, ама најчесто се случува ако паднат на земја да ги поминам под чешма со ладна вода и да и ја дадам да си продолжи да си игра (понекогаш и само ќе ја или забришам со блуза…уупс).

Зои има нозе

Неколку денови по ред кога спиеше па и кога беше будна ја приметувавме дека нозете ги држи исправени нагоре. Прво мислевме дека повторно и се ватиле грчевите, се додека еден ден не ја стаивме во када да се бања. Ги крена нозете во вис и почна да си ги разгледува како допрва да сваќа дека се нејзини. Беше преинтересен момент кој ми е драго што успеав да го снимам. Почна со рацете да си ги фаќа стапалата и да си ги доближува до уста (како и се друго, како да се обичен предмет, уште некоја нова играчка). И помогнав убаво да го дофати стапалото, си го стави во уста и почна да го шмука палецот. Бањањето траеше можеби 40 минути и за целото време она не ги спушти нозете долу. Тоа беше моментот кога Зои откри дека има нозе 🙂

Од овој месец приметив и дека почна да препознава вкусови. Не почнав да и давам храна, туку приметив дека се мршти кога и ги давам Д3 капките или пробиотикот BioGaia. Во првите три месеци не покажуваше знаци дека не и се допаѓаат овие капки како и капките и сирупот за грчеви кои и ги давав (пробани и стварно немаат убав вкус).

Превртување

Едно сабајле кон средина на месецот стана од спиење, целата насмеана а јас ја ставив до мене да и дадам да јаде со надеж дека ќе продолжи да си спие. Кога оддеднаш сама, без никаква помош се преврте. Си реков можеби случано, но ја превртев на грб и повторно самата се сврте на стомак. Со Дејан се превозбудивме и со насмевка и ние си го почнавме денот.

Проблеми со спиењето

Во втората половина од месецот почнаа проблемите со спиењето. Претходно доста читав на темата пореметување во спиењето (sleep regression) кое се случува во четвртиот месец, но се надевав дека нема да ни се случи тоа на нас. Сепак се случи и беше ужасно. Во ова време Зои ја легнувавме во 9 часот и наместо да си спие 4-6 часа како порано се будеше на два часа, на еден час или пола саат. Ретко врзуваше повеќе од два часа спиење навечер што значи дека јас морав да се будам 5-6 пати во вечерта. Среќа беше што се будеше и беше успана па откако ќе и дадов да цица одма си продолжуваше. Но, некогаш се случуваше да стане во 2-3 часот по полноќ наспана и расположена за игра. Ја занимававме еден до два часа па пак ја заспивавме.

Четвртиот месец Зои порасна два сантиметри и качи 810 грама. Тоа значи дека беше долга 63 сантиметри и тешка 6.640 грама.

Дали и вие имавте проблеми со спиењето во четвртиот месец? Споделете го вашето искуство во коментарите и помогнете им на новите мајки кои сеуште не знаат што ги чека 🙂

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите