Една година практично искуство со неспиење, читање книги за спиење, слушање поткасти и читање форуми и блогови. Сакам да споделам неколку совети со кој ќе го подобрите сонот на вашето малечко и ќе изградите добри навики за спиење.
-
ПРОЗОРЦИ НА БУДНОСТ
Она што мене најмногу ми помогна во спиењето за време на денот е следење на прозорците на будност (Wake Window). Тоа во основа време кога бебето е будно помеѓу дневните дремки. Ова време варира во зависност од возраста на бебето и се зголемува како што расте. Детално се околу прозорците на будност имам пишувано во постот Прозорци на будност.
-
ВОСПОСТАВУВАЊЕ РУТИНА ЗА СПИЕЊЕ
Првиот совет кој можам да ви го дадам е да воспоставите вечерна рутина за спиење. Тоа се всушност неколку работи кои ги правите редоследно секој ден половина час до еден час пред легнување. Вечерната рутина може да вклучува бањање, пресоблекување, доење или пиење млеко од шише, читање книга, нишкање, потпевнување приспивни песни, пуштање бели звуци, повивање и слично. Докажано е дека кога бебето има рутина почнува да очекува што следува по одредена активност, односно со тек на време знае дека доаѓа времето кога треба да си легне да спие.
Јас имав голем успех со примената на EASY методот. Овој метод е развиен од Трејси Хог, авторка на книгата Secrets of the Baby Whisperer. Кога го следите методот EASY, не треба да го храните бебето кога ќе посака. Наместо тоа, вие го водите бебето низ нивната дневна рутина по одреден редослед:
- Eat – Хранење
- Activity – Активност (време за игра)
- Sleep – Спиење
- You Time – Време за себе (додека бебето спие)
-
ПОВИВАЊЕ
Нашите мајки нас не имаат повивано како бебиња, но сепак во поново време, барем во нашата држава не е препорачано од страна на докторите и породилиштата. Мене после пораѓајот во болница во Чаир ми кажаа да не ја повивам дома иако таму два дена беше завиткана како буритце. Сепак, мене повивањето доста ми помогна кога Зои беше новороденче и кога беше повиена спиеше многу подобро. Зошто е тоа така? – Бебињата имаат рефлекс на мрдање, наречен „моро рефлекс“. Тоа е еден од најкомплексните и најважните примитивни рефлекси на новороденчињата. Им помага бебињата да го земат првиот здив откако ќе се родат а потоа служи за спречување на синдромот на изненадна смрт кај новороденчето (SID). Здраво е за бебињата да го има овој рефлекс, бидејќи покажува дека нивниот мал нервен систем правилно се развива. Сепак, ова може да биде особено проблематично за време на спиењето, бидејќи може да го разбуди вашето бебе од здрав и длабок сон. Повивањето е најдобриот начин за да се смири Моро рефлексот доколку се воведе при раѓање. Постојаното повивање воедно може да стане дел од вашиот ритуал пред спиење и/или дремка и тоа ќе помогне да се создаде асоцијација дека штом ќе се повие, време е за спиење. Да сумираме, моро рефлексот започнува со раѓањето и завршува на 4-6 месеци – приближно во исто време кога вашето бебе ќе почне да се превртува. Потребно е да престанете да го повивате бебето штом ќе почне да покажува знаци на превртување.
-
ПОГОДНА ОКОЛИНА ЗА СПИЕЊЕ
Многу е важно бебето да има константно место каде ќе спие и каде што ќе се чуствува убаво и безбедно. Дремките и вечерното спиење треба да бидат на една локација, најдобро во своето креветче. Експертите за спиење велат дека поголеми се шансите детето само да презаспие доколку се разбуди на истото место каде што заспало. Поради оваа причина, најдобро е бебето да не заспива на града или во раце, односно да не заспива на една локација па потоа да го преместувате на друга локација. Доколку тоа го направите најверојатно бебето ќе се разбуди при самото спуштање во креветчето или набрзо после тоа. За да изградите добра навика за спиење во иднина, почнувајќи на возраст од 6 до 12 недели, не чекајте бебето целосно да заспие во вашите раце. Наместо тоа, кога веќе се доволно поспани и на прагот за да заспијат, спуштете ги во креветчето и оставете ги сами да заспијат.
Значи, ако го гледате вашето бебе како се буди на 30 или 45 минути, тоа е затоа што тие се префрлаат помеѓу циклусите на спиење и преминуваат во полесна фаза на спиење. Па така, ако вашето бебе самото заспива на почетокот од спиењето, шансите се експоненцијално поголеми дека повторно ќе може да заспие независно кога ќе се разбуди накратко по еден циклус на спиење, или воопшто да не се разбуди и само да продолжи да спие.
Уште еден аспект кој сакам да го напоменам е бучавата. Според мене е многу погрешно бебето да го учите да спие во галама, во вклучен телевизор или во соба во која има луѓе кои постојано разговараат. Ова го зборам затоа што јас бев таа личност и заедно со сопругот намерно пуштавме телевизор и правевме бучава додека спиеше Зои за да ја „навикнеме“ да не спие во тотална тишина. Ова не се покажа како добра опција и откако воведовме спиење во посебна соба каде што е тивко и мирно спиењето значително се подобри.
-
ГЛАДНО БЕБЕ НЕ СПИЕ
Се разбира, бебето можеби се буди рано од дремката или спиењето затоа што е гладно. Ова е особено точно за помалите бебиња.
За да се осигурате дека вашето бебе добива доволно калории во текот на денот, препорака е да ја следите рутината EAT/PLAY/SLEEP и да понудите храна на почетокот на прозорецот на будност. Ова се прави за да се уверите дека бебето добро ќе се нахрани кога ќе биде активно и будно. Ако му давате на бебето да се храни непосредно пред заспивање, постои ризик дека ќе заспие на сред доење и дека ќе остане гладно. Ова особено е значајно кога бебето се дои затоа што мајката не може да знае која количина млеко бебето ја испило. Во овој случај треба внимателно да го следите бебето и да се уверите дека тоа енергично дои и дека има целосно хранење. Дури и со бебиња кои се на вештачко хранење, подобро е да се понуди храна кон почетокот на прозорецот за будност. Со полно хранење, бебето треба да може да го помине целиот период на будност, плус долга дремка, без да биде гладно.
Од срце се надевам дека овие совети ќе ви помогнат вас и на вашето бебе да спиете подобро и поквалитетно. Спиењето кај бебињата е премногу важно затоа што сонот им помага да растат (во висина и тежина) и да се развиваат (ментален развој и развој на способност за учење), а особено е важно за развојот на нивниот имун систем. Секако и родителите кога се наспани и одморени имаат повеќе енергија за да можат да се посветат на бебињата и нивните потреби.
Веќе имам пишувано повеќе постови за моето искуство со спиењето на ќерка ми. Истите може да ги прочитате тука:
Нашата приказна за спиењето (0-3 месеци)
Нашата приказна за спиењето (4-6 месеци)
Нашата приказна за спиењето (7-9 месеци)
Нашата приказна за спиењето (10-12 месеци)