Search here...
TOP
Зои Мајчинство

Имаме седум месеци

Месецов е почеток на активниот живот. Не можеш да станеш свесен кога бебето станува активно додека не ти падне од кревет. Ја имав заспано на спална, а јас имав работа на компјутер. Ја следев преку бебе-мониоторот и видов дека е станата. Но беше мирна, па си реков ќе ја оставам малку да си се занимава. Кога оддеднаш слушнав БУМ. Се стрчав веднаш, но веќе знаев дека падна од кревет. Ја земав во раце и она плачеше како никогаш до сега. Како што ја дункав за да ја смирам и полека идев накај дневна, Дуфи, нашата мачка се стрча и ме нападна. Ова никогаш не се случило до сега, мачката е премирна. Зои постојано ја малтретира, ја влече, ја куби, но никогаш не изреагирала со агресија према неа или према нас. Истражувавме во врска со овој настан и се консултиравме со ветеринари и луѓе кои чуваат миленици, заклучокот беше дека мачето се поставило одбрамбено према бебето и поради тоа нападнало. Како и да е, јас целата изгребана, Зои плаче и не се смирува. Се јавив на Дејан да дојде веднаш, за во случај да не се смири да ја носиме на доктор. Но за 10тина минути беше подобра. Во ваков случај потребно е колку што е можно да се остане смирен, да не се крева голема паника затоа што и бебето ќе го почуствува твоето расположение. Исто така, треба да се следи бебето 24 часа како се однесува во случај да има потрес на мозокот. Како знаци се поспаност, повраќање, лошо расположение. Среќа се добро се заврши, односно во ситуацијава јас бев повеќе повредена отколку она 🙂

Сагата со спиењето продолжува

Месецов навечер спиеше 4-5 часа потоа се будеше за јадење на секој 2 часа. Веќе знаев дека будењето е навика која треба да ја тргнеме затоа што на нејзина возраст веќе треба да може да спие цела вечер без да се разбуди или евентуално со еден подој или dream feed. Така, реков дека нема да и давам да јаде додека не поминат 6 часа, за полека овој временски интервал да го зголемувам. Неколку денови беше успешно. Првиот ден се разбуди после 3 часа за јадење, ја испивавме 40 минути со постојано плачење, но на крај успеавме и спиеше 7 часа без да цица. Втората вечер повторно се разбуди после 3-4 часа, пробавме да ја оставиме сама да си заспие, но не можеше па влегов во соба да ја смирам, по што заспа за 5 минути. Третата вечер вече спиеше без престан 6 часа. Но, за жал кон средина на месецот фатија големи горештини и Зои не можеше да заспие. Неколку дена седеше будна до 11 часот навечер, а потоа почна да легнува во 21-22 часот. Преку ден приметивме дека прозорецот на будност се зголемува од 2.5 до 3 часа. Со самото тоа, третата дремка се случуваше да биде доста покасно околу 5-6 часот и авотматски спиењето се поместуваше наместо во 19-20 часот, во 20-21 часот. Оваа транзиција од 3 на две дремки не беше лесна и не беше секој ден успешна, поради тоа имавме проблеми со заспивањето. Ние мислевме дека е легната за цела вечер, кога она станала од третата дремка и два часа се мачевме да заспие повторно.

Исхрана

Откако веќе пробавме 20тина вкусови, почнав да ги комбинирам вкусовите и да и правам кашички. Од почетокот на месецот веќе имаше еден оброк. Почнав да практикувам, во подготвената каша да и ставам нова намирница, наместо истата да и ја дадам да ја проба како вкус. Во однос на исхраната сватив дека има различни табели на исхрана кои се разликуваат 2-3 месеци во однос на намирниците. Како споредба ја имав табелата дадена од педијатарот и книгата Бебе Готвач. По тоа си заклучив дека не е толку важно да се придржувам месец до месец зошто некоја намирница во моментот е во сезона, а кога ќе дојде на ред да се дава (според некоја од табелите за исхрана по месеци) веќе ќе ја нема. Затоа и давав овошје и зеленчук кој е во сезона (истата барем во една од табелите беше согласно возраста), со исклучок на одредени алергени продукти како јагода, јајце, млеко, јаткасти производи и слично. Повеќе ги сака кашите со зеленчук и месо отколку овошните, што не е типично за бебињата. Се прашувам, дали е поради тоа што на почетокот повеќе форсирав вкусови со зеленчук отколку со овошје?

Вакцини

Месецов ги примивме последните дози (трета) од Рота вирусот и (втора) од Стрептокока. Требаше да примиме уште шестовалентна вакцина, но вакцината ја немаше поради задоцнета набавка па остана да се вакцинира кога ќе се добие. За да се прими шестовалентната вакцина е потребно да се направи и крвна слика. Овој пат многу подобро го поминавме земањето на крв за разлика од претходниот пат. Со тоа ги имаме примено сите предвидени вакцини согласно календарот за имунизација и ни останува уште МРП вакцината која се дава по една година. Среќа, досега немавме никакви реакции на ниту една од вакцините.

 Достигнувања

Почнува да се засрамува од непознати луѓе или да плаче ако ја земе некој кој не го знае добро. Потребно и е 1-2 дена за да се запознае со некој, да стекне доверба и да сака да оди кај него. Повеќе нема лежење, или е седната и си игра со играчки или сака да ја водиме за рачиња и да оди. Оди доста брзо и досега не сум успеала да ја уморам, обично мене ќе ми стане мачно и ќе ја седнам. Се врти од едната и другата страна без никаков проблем. Ова секако доцна го сватив, откако ми падна од кревет. Исто така има напредок во лазењето. Почнува да се влече со рацете и нозете во лежечка позиција како војник. Обично се врти во круг. Веќе е невозможна мисија да се пресоблече. Прета, се исправува, се превртува. Мора да и дадам некоја играчка во раце и среќа сум испраксирана за брзо пресоблакање па готови сме за минута 🙂 Ја бањаме во базенче на тераса. Многу е радосна во вода, ужива и си игра со играчките. Повеќе не го користиме коритцето за бањање. Едноставно ја ставаме во када и ја тушираме. Поради горештините, почнавме да ја тушираме секој ден за да се разлади.

Чуствувам дека од мсецов па натака ќе има повеќе трчање и пазење. Едвај чекам да ослабнам малку 🙂 Месецов Зои порасна 2 см и качи 350 грама. Сега има 68 см и 7 кила и 900 грама.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите