Search here...
TOP
Мајчинство Совети

Килажа во бременост

Зголемувањето на телесната тежина за време на бременоста е нормално и потребно, за да се обезбеди доволно хранливи материи за развој на фетусот и да се складираат доволно хранливи материи како подготовка за доењето. Општо, се препорачува бремените жени качат од 0,5-2 кг во текот на првите 3 месеци од бременоста, и по пола килограм неделно за време на остатокот од бременоста. Сепак тоа не значи дека треба да јадеш за двајца или дупло од она што си јадел порано туку по правило би требало да јадеш дополнителни 300 калории дневно.

Јас никогаш не сум била слаба личност и кога останав бремена бев за 2 килограми поправeна од вообичаено (овој просек ми се зголемува на секој 2 години :)). Поради оваа причина и многу ми беше страв да не се поправам премногу па потоа да ми биде тешко да си ги вратам вишокот килограми. Така уште на почетокот од бременоста почнав да истражувам колку минимум треба да се поправиш односно во просек колку тежат постелката, бебето и плодовата вода и како треба да се одвива тоа зголемување на килограмите.

За оваа цел многу ми помогна еден онлајн калкулатор каде внесуваш податоци за неделата од бременоста во која се наоѓаш, висината, тежината пред бременоста и моменталната тежина. Откако ќе се пополнат информациите излегуваат резултатите кои кажуваат каков ти бил BMI индексот пред бременоста, препорачана тежина на крајот од бременоста (40-та недела) и препорачана тежина во неделата во која што се наоѓаш. Подолу има цела табела каде ти кажува за секоја недела која е препорачаната тежина (од-до) и препорачано накачување на килограмите. Еве за пример како изгледа табелата, онлајн калкулаторот кој јас го користев може да го отворите на линкот

Недела Препорачан опсег на тежина Препорачано зголемување на телесната тежина
Недела 1 74.0 – 74.0 кг 0 – 0 кг
Недела 2 74.0 – 74.2 кг 0.04 – 0.2 кг
Недела 3 74.1 – 74.3 кг 0.08 – 0.3 кг
Недела 4 74.1 – 74.5 кг 0.1 – 0.5 кг
Недела 5 74.2 – 74.7 кг 0.2 – 0.7 кг

Според овој калкулатор знаев колку максимум можам да се поправам до крај на бременоста, но можев и во било која недела да си проверам дали килажата ми е во граници на нормалата. Јадев сосема нормално како и порано, ни повеќе ни помалку. Единствено се трудев повеќе да јадам здрава храна и храна која е препорачана да се јаде во одреден момент од бременоста. За доручек скоро секогаш јадев овесни снегулки збогатени со овошје и/или јаткасти производи, смути или свежо овошје. Доколку малку се поопуштив со храната и видов дека според календарот идам над горната граница препорачана за неделата веднаш се освртував на јадење повеќе здрава храна и избегнував козумирање на леб, шеќери, газирани пијалоци и слично. Значи без никакви диети, туку едноставно припазував да внесувам помалку јагленохидрати и шеќери, а повеќе да конзумирам овошје и зеленчук. Исто така во седмиот/осмиот месец од бременоста ми открија скриен шеќер така што бев на некој режим на исхрана со забрането внесување на преработен шеќер (инаку апетитот за благо ми беше до плафон, посебно за палачинките од Fluffy).

До крајот на бременоста се поправив 8 килограми и веднаш по породувањето кога се измерив ја имав истата килажа (дури за 1/2 кг помалку) како пред да останам бремена. За една недела поради истоштеност и намален апетит бев ослабната дополнителни 2-3 кг.

Можеби 8 килограми ќе ви изгледа малку, но треба да се има во предвид дека препорачаната тежина во бременоста зависи од BMI (индексот на телесна маса) кој сте го имале кога сте останале бремени. Јас како што спомнав погоре, никогаш не сум била слаба и BMI ми се движи меѓу 24-26 што значи на горна граница од нормална тежина и долна граница на прекумерна тежина. Во табелата подолу може да видите колку во просек е нормално да се поправите во бременоста во зависност од вашиот BMI. За да го пресметате BMI може да го користите онлајн калкулаторот достапен на овој линк

Тежина пред бременост Препорачана тежина во бременост
Со недоволна тежина ( BMI под 18.5) 13 до 18 кг
Нормална тежина ( BMI 18.5 до 24.9) 11 до 16 кг
Прекумерна тежина ( BMI 25 до 29.9) 7 до 11 кг
Дебелина ( BMI 30 или повеќе) 5 до 9 кг

Се надевам овие информации ќе ви бидат корисни, мене секако ми беа прекорисни па затоа сакав да ги споделам и со вас. На крајот од денот колку и да се поправите не е најбитното нешто на светот. Може да внимавате на исхраната која ја внесувате во бременоста од аспект на тоа да биде добра за бебето, а со самото тоа бидете убедени дека ќе биде добра и за вас! За крај да ве утешам ако сте се поправиле нешто повеќе – доењето согорува од 300 до 500 калории на ден.

Колку се имате по правено за време на бременоста и дали имате совет за губење на вишокот килограми по пораѓајот?

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите