Search here...
TOP
Зои Мајчинство

Пола пат до една година

Zoi pola godina

Овој месец се случија многу позитивни работи. Иако секој поминат месец со Зои е ново доживување и е убав на свој начин без разлика на проблемите, можам да кажам дека месецов воопшто не памтам дека имавме некои проблеми. Зои е прекрасна, знае да си седи и да си игра, свесна е за околината околу себе, постојано ја привлекуваат нови работи. Сака да истражува, ја интересира се што се случува околу неа. Најинтересно и е кога ќе ја ставам кутијата полна со ситни играчки па ги вади една по една, ги разгледува од сите страни, ги става во уста, па продолжува со нова играчка.

Пробување на вкусови

Месецов почнавме да и даваме да пробува вкусови. Педијатарот од една страна ни кажа да почнеме од претходниот месец, препораките на светско ниво се ексклузивно доење до шести, па јас како некоја средина почнав со полни пет месеци да и давам да пробува вкусови. Бидејќи Зои на девет месеци ќе треба да почне да иде во градинка, сакав до тогаш да има пробано се што ќе и даваат таму да јаде. Така, почнавме прво со морков, па со јаболко, брокула, банана, авокадо, компир, крушка, тиквичка… Намерно и ги мешав вкусовите еден ден да биде овошје, другиот ден зеленчук. Беше преинтересна, секој вкус кој го пробуваше го снимав на видео за реакцијата. На почетокот скоро сите вкусови не и се допаѓаа. Се мрштеше, се гадеше, дури и имаше нагони на повраќање. Ние пак се умиравме од смеење на секоја нејзин израз на задоволство или незадоволство од пробаниот вкус. Сега за сега се храниме по традиционален пристап, со каши, но во иднина сакам повеќе да се информирам и да започнеме со BLW (baby-led weaning) методата.

Тренинг за спиење (sleep training)

На почетокот на месецот имавме уште еден неуспешен обид за тренинг за спиење. После константно плачење од половина час, се откажавме, и дадов да цица по што заспа. Утредента се јавивме кај Dr.Goodnight (сертифициран тренер за спиење во Македонија) и ни даде кратки насоки и упатства што да правиме. Се решивме да пробаме уште истата вечер. Беше потребно 30 минути за да си заспие сама. Малку кенкаше, но не беше ништо во споредба со плачењето од минатата вечер. После два часа повторно се разбуди (како и вообичаено) и повторно по насоките кои ни беа дадени заспа за 15 минути. Повторувавме неколку пати во вечерта и супер поминавме како за прв ден. Наредниот ден, веднаш се осети разликата со дневните дремки. Првата дремка спиеше околу два часа што не се случило до сега. Ја гледав, се будеше на неколку пати, но сама се успиваше и продолжуваше да спие. Наредниот ден процедурата за успивање траеше 15 минути. Спиеше скоро 4 часа и се будеше само два пати за јадење. Така продолживме неколку недели и со текот на времето повеќе не беше потребно никаква помош од наша страна за да си заспие. Конечно Зои се врати во нормала како што спиеше во првите три месеци, а бонус беше тоа што одлично спиеше преку ден.

Во посебен пост ќе пишам детално околу тренингот за спиењето. Се надевам дека ќе му помогне и на некој друг 🙂

Крштевка

Овој месец решивме да ја правиме крштевката. Поради ситуацијата со Корона вирусот не планиравме да правиме голема прослава. Едноставно се собравме најблиските во црква, а откако заврши крштевката седнавме на пијачка во еден кафич. Бев позитивно изненадена што Зои воопшто не плачеше при целата церемонија во црква. Беше одлично расположена, пееше заедно со попот, уживаше во бањањето, беше мирна во рацете на кумот. Малку се намршти кога и ја сечеше попот косичката, претпоставувам дека ја искубал па ја заболело малку.

Втор преглед на ортопед

Месецов бевме на вториот преглед кај ортопед. Се беше во ред и ортопедот ни даде зелено светло дека Зои може да почне да седи. До тогаш покажуваше знаци дека сака да се исправи да седне, но ние се воздржувавме и и дозволувавме да седи многу кратко по што повторно ќе ја навалевме во полулегната состојба. Кога ќе ја оставевме на кревет самостојно да седи, за 10-15 секунди губеше рамнотежа и паѓаше. Но, после прегледот си ја оставивме дома да седи придружена со перници во случај да се умори и веќе за неколку дена Зои седеше сосема стабилно. Набргу потоа ја седнавме и во хранилка. Седењето за нас беше многу големо олеснување колку само е попријатно и полесно држење во седечка положба.

Достигнувања

Скоро до пред крај на месецов Зои единствено можеше да се сврти од грб на стомак и тоа исклучиво на левата страна (поима немам зашто). Потоа почна почесто рацете да ги држи нанапред кога седеше на стомак и еден ден се преврте назад на грб. Изгледаше толку случајно, но во наредните денови се почесто можевме да приметиме како се превртува. Има солидна основа да почне да лази, но сега за сега само се врти во круг (полека, скоро неприметно). Веќе седи сосема самостојно и мислам дека може да седи со часови. Обожава да стои исправена и може да прави чекори. Повеќе не ги става рацете во уста цело време и престана да се лигави како порано (јас таман ја обезебдив со 20-тина лигавчиња). Кога ќе ја оставиме на под заедно со играчките може да си седи и да си игра долго време. Веќе никако не сака да биде во лежечка позиција, не сака во танспортер во кола (треба да го смениме со столче), а од релаксаторот неколку пати се случи да се смкне и да падне па го спакувавме 🙂

Покрај подолгите дремки и тоа што сама може да си седи и да си игра подолго време, конечно јас имам повеќе време да си посветам на себе или на обврските по дома. Пола година помина пребрзо, не чекаат уште повеќе интересни моменти поминати заедно. Месецов Зои порасна еден сантиметар и качи 400 грама. Сега Зои има 66 сантиметри и е тешка 7.550 килограми.

Кога почнавте вие со пробување вкусови? Како го поминавте овој месец? Пишете ми во коментар ваше искуство или прашајте доколку нешто ве интересира.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите