Во текот на вториот месец се навикнуваме една на друга се повеќе и повеќе.
Плачењето и кенкањето продолжи и во првите две недели. Дали беше првиот скок во развој кој е обично 4та и 5та недел, грчеви или комбинација од двете не знаеме. Што и да беше знаевме дека бебето има некоја мака, а не можевме да му помогнеме. Дававме разни капки, сирупи, чаеви, ја дункавме, ја нишкавме и и ја дававме целата љубов и позитивна енергија која ја имавме. Конечно во средината на вториот месец забележавме подобрување. Тоа кенкаво и плачливо бебе се смени и полека полека почнавме да го фаќаме редот.
Спиењето остана исто, тешко заспиваше навечер но кога ќе заспиеше се будеше два пати за јадење и одма си продолжуваше. Преку ден пак заспивањето идеше многу тешко. Сега разбирам каде сме грешеле, сме ја преморувале и поради тоа не можела да заспие лесно, ама искуството си го прави своето. Зои обожаваше да спие во транспортерот зошто во него беше во фетусна положба и беше тесен од двете страни. Во транспортер си спиеше со саати, посебно кога се возевме со кола.
40 дена
Правилото од 40 дена – религиозно или 6 недели – медицински има голема логика, но според мене нема потреба толку строго да се почитува. Тоа е период кој е доволен за мајката да се опорави и бебето да пркне што би се рекло, но мајките најдобро ќе знаат кога се спремни да излезат надвор од дома. На крајот од денот ние во текот на првиот месец искочивме само 5 пати за на педијатар да идеме, па ако беше убаво времето, знаевме потоа малку да се прошетаме низ населба. Па така, прв пат на гости си бевме пред тие 40 дена кај бабите и дедовците на Божиќ.
Откако поминаа 40 дена, поучени од постарите отидовме во црква за голема молитва за мене и Зои. Никој не ни кажа дека имало и мала молитва претходно, така да таа ја пропуштивме.
Прв пат сама на гости
За Стара нова година прв пат ја оставивме Зои кај баба и и дедо и сама на гости. Ние со друштвото секоја година кршиме паричка на овој ден, а оваа поради Ковид ситуацијата бевме приморани тоа да го правиме на отворено. Планиравме набрзина да ја скршиме питата колку да не испадне дека сме пропуштиле година, ама на Зои и се заарни на гости па си поседовме 4 часа. Оваа вечер Зои прв пат (сега за сега и последен) спиеше непрекинато 7 часа навечер.
Секој месец има многу „први“ работи кои се случуваат. Во вторит месец Зои ја имаше првата социјална насмевка и од тогаш се смее се почесто и почесто посебно сабајле кога ќе се разбуди (поради ова колку и да ни се спие сабајле и ние се будиме со насмевка на лицето). Главата почна да ја држи постабилно и да станува повеќе свесна за околината околу неа. Овој месец Зои порасна неверојатни 7 сантиметри и качи 980 грама. Веќе на крајот на овој месец беше забележливо дека е порасната 10 сантиметри од нејзиното раѓање и тука веќе разбрав што значи тоа „ќе видиш колку брзо растат“ па се ангажирав околу тоа да го сочувам секој поминат миг со неа.
Во коментарите подолу пишете го вашето искуство, дали чекавте 40 дена пред да го изнесете вашето бебе од дома или искуство за нешто интересно ви се има случено во вториот месец?