Search here...
TOP
Животен стил Патување

Одмор со тодлер

Имавме големи планови каде да одиме на годишен одмор. Кападокија, Барселона, Италија беа само дел од дестинациите за кои се размислувавме. Но, имавме еден неуспешен обид за патување во Белград каде завршивме на клиника па затоа се решивме да одиме на поблиско место во Грција.

Се спакувавме со цело куферче лекарства за секој случај и тргнавме на пат. Сместувањето во хотелчето ни беше во 2 часот попладне, па сабајлето не се брзавме рано да тргнеме. Доручкувавме и полека тргнавме на пат, затоа што сакавме Зои да си преспие во кола. Откако се сместивме, попладнето излеговме да прошетаме по шеталиштето. Да се навратам  неколку недели назад во Скопје, имавме обид Зои да ја ставиме во песок да си игра. Но, за наше изненадување таа почна да плаче и да се плаши да гази боса по песокот. Со време се опушти, но бевме загришени како ќе реагира на песокот и на морето кога ќе одиме на одмор. Затоа, кога искочивме да прошетаме, застанавме на почетокот на плажата, со Дејан се соблековме боси и згазнавме на песокот. Ја повикавме да ни се придружи, но не ја форсиравме (мислам дека најголема грешка ќе беше да ја спуштиме директно на песок). Таа полека и претпазливо ни се придружи. По некое време и стана сосема природно и нормално си газеше по песокот. Наредниот ден отидовме на плажа, но беше ветровито и брановито па не влеговме во вода. Но, на Зои и беше интересно да трча на брегот и да бегаме заедно од бранчињата. Наредните денови одевме на плажа по два пати, сабајле после доручек и попладнедо зајдисонце. Секогаш се враќавме во смештај за дремката на Зои и тука го поминувавме најтоплото време покрај базенот на хотелот.

Плажите во Пефкохори и околина

Во Пефкохори плажата е доста тесна, поради тоа може да замислите и колкава гужва е на плажата. На почетокот плажата е песочна, но како што се приближуваш кон брегот има камчиња. Сакајќи да избегнеме од гужвата и да најдеме некоја поинтимна плажа во близина тргнавме кон истражување. Како добри локации кои ги откривме беа:

  • Glarokavos Beach – Плажата има дрва и природни сенки па може да се остане и цел ден без да имате страв дека ќе изгорите. Ние одевме во делот кај Port Glarokavos. Воопшто немаше гужва и беше навистина пријатно. Плажата е песочна, но при влез во морето има камчиња. Во овој дел плажата е дива, а понатаму има барови и лежалки.
  • Paliouri Beach – Оние кои како мене сакаат целосно песочни плажи, Paliouri Beach е вистинскиот избор. Тука идевме само попладне, но секогаш наоѓавме место за да се сместиме. Самата плажа има повеќе барови со лежалки, но има дел каде може да си постелите пешкир и да уживате. Ова е вистинското место за градење замоци и други игри на брегот на морето.

На сите плажи има повеќе барови со лежалки на плажа. Како по-фенси места ќе ги издвојам:

  • Tridente Mare – се наоѓа на крајот на Пефкохори, во близина на хотелот каде бевме сместени. Тука доаѓавме рано сабајле за да го гледаме изгрејсонцето и да дишиме морски воздух. Има одлични лежалки со дебели сунгери и bean-bags на плажата. Цените за лежалка се 20 евра на првиот ред и 15 евра од втор ред па натаму. Сепак, со оваа сума можете да си нарачувате што сакате од менито.
  • Elephant Beach Bar – првата плажа после Пефкохори. На оваа плажа бевме последниот ден пред тргнување и го преседовме цел ден. Барот е баш интересен и има доста фенси места за сликање. На оваа плажа се плаќа 20 евра по човек и повторно може да нарачувате од менито за јадење и пиење во износ на оваа сума. Цените секако се двојно повисоки отколку на друго место, но има доволно за кафе, пијачка и еден оброк.

ДИШЕЊЕ ЧИСТ ВОЗДУХ

Доколку на одмор одите со дете, морате да ги искористите благодетите на морскиот воздух. Морскиот воздух содржи специјални супстанции кои се корисни за здравјето, вклучително сол, калиум, магнезиум, калциум и сулфат. Особено помага и ги ублажува респираторните проблеми и е добар за кожата. Зои е дете кое изминатиот период имаше доста респираторни проблеми, па поради тоа секое сабајле кога ќе станеше (а стануваше многу рано) веднаш идевме на прошетка покрај плажа. Порано кога одев на одмор никако неможев да се натерам да станам рано сабајле за да гледам изгрејсонце. Но, сега заради неа секое сабајле пред доручек одевме на плажа и уживавме во прекрасни изгрејсонца.

Odmor izgrejsonce

Сместување

Прв пат откако одиме на одмор се сместивме во хотел. Всушност тоа беше како сместување во студио со тоа што имавме доручек и бар со базен. Хотелот Ammon Garden го најдовме преку агенција Мартин травел. Доколку се одлучите да одите во хотелот сакам да напоменам дека во собата има мини кујна, но истата не е добро опремена (ако планирате да готвите треба да си понесете прибор за готвење). Доручекот беше на база шведска маса (на самопослужување), секој ден ја имаше истата храна и немаше преголем избор. Не ми се допаѓаше што воопшто немаше избор на овошје за доручек. Од друга страна, имаше базен каде знаевме да се разладиме во периодот кога бевме во смештајот, а во барчето имаше сосема пристојни цени за јадење и пиење. Една од работите кои ми се допаднаа во сместувањето беше тоа што нудеа бесплатно креветче за бебе. Бидејќи Зои ми е научена да спие во креветче немавме проблем при заспивањето навечер и спиењето преку ден.

Рутина на одмор

Минатата година кога бевме на одмор, Зои беше помала и имаше три дремки. Годинава беше многу полесно да се организираме затоа што веќе преспива само еднаш, околу 12 – 12.30 часот. Сабајлето станувавме рано, веднаш искачавме да шетаме на обала. Потоа се враќавме да доручкуваме и веднаш заминувавме на плажа. Се враќавме за време на дремката, а откако ќе станеше ручавме, седевме малку на базен и повторно одевме на плажа. Од плажа ако имавме време малку се шетавме по шеталиште и се враќавме да ја легнеме да спие во 8-9 часот најкасно.

Можеби е малку понапорно одењето на одмор со дете за разлика од порано. Не може да се излежаваш на плажа и да читаш книга. Да стануваш од спиење кога сакаш и да седиш по цел ден на плажа. Но, има посебна магија кога ја гледам нејзината радост и насмевката на нејзиното лице 🙂 Таа беше пресреќна и тоа оддалеку се забележуваше, а јас и Дејан уште посреќни и целосно ангажирани одморот да и го направиме што е можно поубав.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите