Search here...
TOP
Игри и активности Направи сам

Направи сам – Паметна табла за бебиња

Pametna tabla za bebinja

Паметна табла (busy board, Montessori board, smart board, sensory board) е најдобрата бебешка сензорна играчка. Тоа е табла на која се наоѓаат многу работи што бебето или мало дете може да ги допре, сврти, отвори, затвори, притисне, лизга, префрлува – и многу повеќе.

Паметната табла го стимулира учењето преку експерименти. Тоа е играчка каде се прикачени секојдневни предмети и им помага на бебињата да ги развијат своите фини моторни вештини. Бебињата играат сами и независно што ви овозможува малку време за себе (испиено кафе на раат), а со играта им се зголемува самодовербата и концентрацијата.

Овие паметни табли може да ги користат бебиња на возраст од шест месеци и нагоре. Некои мали деца до тригодишна возраст исто така можат да уживаат во нив. Колку порано се користи паметната табла, толку подобро. Со неа, му овозможуваме на нашето бебе/дете безбедно место за експериментирање со истите работи што обично им ги забрануваме поради нивна безбедност (штекери и слично).

Постојат неколку страници (домашни и во странство) од каде може да си купите вакви паметни табли. Но, во овој пост сакам да ви покажам како сами ја направивме паметната табла за Зои.

Неколку идеи што може да вклучите во паметната табла:

Гледајте работите да ги имате по дома, да не мора се да купувате. Работи кои на вашето бебе му се интересни во моментот може да ги вклучите во паметната табла. Во продолжение ќе објаснам детално како ние ја направивме таблата, кој алати ги користевме и од каде ги набавивме сите материјали на таблата.

Потребни алати:

  • Штрафилица или бормашина
  • Силоконски пиштол (за лепење)

Потребни материјали:

  • Табла – како табла може да искористите парче дрво, иверица, вратичка од старо креденче. Димензиите воопшто не се важни. Јас во моментот немав некое старо неупотребливо парче дрво па купивме полица од Mr.Bricolage. Истата не кошташе 300 денари
  • Шуко штеќер – најевтиниот од Mr.Bricolage. Може да најдете во било која продавница за електрика. Нашиот штеќер е со капак зошто мислев дека ќе и биде поинтересно да го отвори за да може да го допре. Може да земете со капак и без капак. Не кошташе околу 100 денари
  • Прекидач за светло – најевтиниот од Mr.Bricolage. Може да најдете во било која продавница за електрика. Нашиот прекидач е дупол, може да земете и единечен. Не кошташе околу 100 денари
  • Тркалце – имавме дома од некој претходен проект. Можете да го најдете во продавници за додатоци за мебел (Солопром, Новомак) или продавници за домот (Бриколаж, Меркур и други). Коштаат околу 30 ден (и повеќе).
  • Дигитрон – купен од Џамбо. Кошташе 100 денари
  • Алатка за заклучување – Ја нарачав од Алиекспрес затоа што не најдов во моментот кога ги купував штекерот и утикачот, но сигурно може да се купи и кај нас. Кошташе 115 денари со достава.
  • Патика со врвца – Ја нарачав од алиекспрес. Кошташе 110 денари со достава.
  • Риба со шљокици – Ја нарачав од алиекспрес. Кошташе 145 денари со достава.
  • Кругови кои се вртат – Ги нарачав од алиекспрес. Кошташе 120 денари со достава.
  • Облаче со врвци – Ја нарачав од алиекспрес. Кошташе 150 денари со достава.
  • Патка горе/долу – Ја нарачав од алиекспрес. Кошташе 120 денари со достава.
  • Дрвени букви – Ги имав оддамна нарачано од алиекспрес. Коштаа 180 денари со достава. Линкот од нарачката повеќе не постои, но може да го пребарате под „Wooden Scrabble Letters
  • Капак на отворање – капаците ги собирав од искористени влажни марамици
  • 3Д Стикери – Ги купив од Џамбо. Коштаа 60 денари
  • 3Д Стикери пеперутки – Ги купив од Џамбо. Коштаа 50 денари
  • Шмиргла – Ја имав дома, само ја исеков во димензија на капакот на отворање
  • Канавас платно – Го имав дома, само го исеков во димензија на капакот на отворање
  • Плишан материјал – Од смалена исфлекана маичка на Зои, го исеков во димензија на капакот на отворање

Начин на изработка

Најпрво ги поставив работите како што сакав да изгледаат на таблата, па потоа дел од работите ги заштрафивме со штрафилица (штеќерот, прекидачот, рибата, патиката, патката, облачето и круговите). Останатите работи ги залепив со помош на силиконски пиштол. Во капаците за отворање ги залепив материјалите (шмирглата, канавас платното, плишаниот материјал) и дел од стикерите. Остатокот од стикерите ги залепив на таблата.

Целиот проект не кошташе помалку од 1.500 денари. Доколку користите работи кои веќе ги имате дома истиот може да ве кошта многу помалку.

Зои обожава да си игра со новата играчка и тоа е за мене најважно!

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите