Search here...
TOP
Животен стил Патување

Патување со ограничен буџет – Дубаи 2018

Дубаи е навистина нешто посебно и вреди да се посети. Од една страна имаш премодерен град со високи облакодери, од друга страна прекрасна плажа и море, а од трета страна пустина и презабавни активности кои може да ги правиш во неа. Но овој пост нема да биде посветен на тоа каде сме биле и прошетале туку ќе пишувам повеќе од практичен аспект за тоа колку пари се потребни за да се посети Дубаи и што вреди, а што не вреди да се прави според нашето искуство.

Во Дубаи сакавме да идеме веднаш после свадбата, но бевме премислувани од многу луѓе бидејќи е многу скапо. Навистина, кога прашувавме по агенциите цените за пат и смештај се движеа околу 600 евра од лице (6 дена од кои 2 дена се во пат) плус трошоци за виза.

Наредната година почнав повеќе да истражувам за да го организирам патувањето на своја режија. Видов дека има директен лет за Дубаи од Софија со WizzAir. Цените за летот воопшто не беа скапи (имајќи предвид дека идеш на друг континент, не е патување во Европа). Потоа почнав да барам смештај на Airbnb и сватив дека може да се најде одличен смештај кој не е многу скап. На крај се решивме да купиме карти и да летаме за Дубаи.

Трошоци за пат и за смештај:

  • Директен авионски лет Софија-Дубаи не кошташе 270 евра повратна карта за двајца. Иницијално кога гледав цените беа уште поевтини (околу 220-250 евра), но додека се решиме да букираме се поскапија
  • Смештајот преку Airbnb не кошташе исто така 305 евра за двајцата за 6 вечери. Тоа се 50 евра од ден, реално и во Грција да идеме толку ќе платиме во сезона.
  • За Дубаи е потребно влезна виза за Македонски државјани. Кај нас беше предност што јас имам пасош од ЕУ па виза вадевме само за Дејан. Визата ја вадевме во наша агенција (ПЕТ туристичка агенција беше најевтино) и кошташе 100 евра. Имаше и некои веб страни каде директно можеше да се аплицира ама некако не ни беше сигурно па се решивме преку наша агенција.
  • Трошок за превоз од Скопје до Софија (имате опција со автобус, кола…)

Дојде денот за патување. Тргнавме од Скопје до Софија (треба да рачунате на можни гужви на граница), од Софија летавме за Дубаи. Кога стигнавме во Дубаи, веднаш на аеродром купувме припејд картичка која имаше бесплатни минути за разговор и мобилен интернет кој ни беше потребен за да користиме google maps за да се снајдеме. На излез од аеродромот веднаш си фативме автобус кој не однесе до Дубаи Марина, област во Дубаи каде бевме сместени.

Апартманот каде бевме сместени беше одличен. Зградата беше во стилот на Џивахир, имаше надворешен базен кој можевме да го користиме преку ден и навечер, локациски се наоѓаше во најлоксузниот (и што е побитно најсигурниот) дел на Дубаи, а плажата беше на 100-200 метри, веднаш кога ќе се помине улицата. Реално беше подобро отколку во хотел, затоа што имаше спална, гарнитура со ТВ, кујна, тераса, бања, се што ни беше потребно. Во близина на зградата имаше Carrefour маркет кој не беше многу скап. Па така, си пазаревме и си готвевме во апартманот за да поминеме поевтино. Инаку, реално за нас беше незамисливо да требаше да се храниме по ресторани и сендвичари. Најевтина беше храната во McDonalds и тоа за разлика од други градови во Европа цените беа сигурно за 20-30% поскапи.

Плажите се песочни и многу широки, на нив нема лежалки и кафичи па слободно можеш пешкир да си постелиш и да уживаш. Надвор е претопло, буквално кога слетавме неколку часа неможевме да дишиме поради промена на климата. Ако на плажа е топло, кога ќе влезеш во вода ти е уште потопло, наместо да се оладиш 🙂 Добра страна е тоа што секаде каде што е можно да се постави клима е климатизирано. Дури и автобуските станици се затворени и климатицирани.

Дубаи има одличен јавен превоз. Поминува метро/воз по должина на Дубаи, има автобуси и чамци (Abras), а картите воопшто не беа скапи. Всушност се плаќа во зависност од тоа колку далеку се возиш.

Тури – Авантури

Целта на патувањето секако не беше само да идеме на плажа (за тоа ја имаме Грција) туку сакавме да прошетаме низ Дубаи и на некои oд неговите атракции. Вушност во Дубаи има многу работи кои може да се видат и да се направат, некои се бесплатни а некои се плаќаат. Во продолжение ќе ги наведам локациите кои ние ги посетивме со акцент на тоа дали вреди за платената цена.

  • Burj Al-Arab – е луксузен хотел лоциран во градот Дубаи и е еден од највисоките хотели во светот и е единствен хотел со 7 ѕвезди. Од близу не можеше да се види затоа што околината е приватна плажа, но се гледа од јавната плажа на Дубаи. Доколку сакате да влезете во ресортот, без да бидете гостин во хотелот, најевтино би било да пробате да букирате во некој од рестораните.
  • Dubai Marina – тоа е град на вештачки канал, изграден по должина од 3 километри на крајбрежјето на Персискиот Залив. Во овој дел бевме сместени и си го шетавме и разгледувавме пешки посебно навечер.
  • Burj Khalifa – е облакодер во Дубаи и е највисоката градба (160 ката) изградена од човекот досега. Зградата може да ја посетите и да влезете во трговскиот центар, но доколку сакате да се качите се плаќа отприлика 2.000 денари. Сепак е нешто што вреди да се посети бидејќи погледот од 124/125 кат е прекрасен и може да се види цело Дубаи. Ние кога бевме имаше магла па не се гледаше многу од далечина.
  • The Dubai Fountain – фонтаната се наоѓа во паркот на зградата Бурџ Халифа. Може да се гледа без пари, а се плаќа доколку сакате да се возите на брод. Дефинитивно нема потреба затоа што одлично се гледа. Од 18-23 часот на секои 30 минути има музичко шоу каде фонтаната е сихринизирана со музиката.
  • The Dubai Mall – е најголемиот трговски центар во светот по вкупна површина. Во него највеќе ни остави впечаток аквариумот (Dubai Aquarium & Underwater Zoo). Секако дека за да се влезе внатре е потребно да се купат билети, но дел од аквариумот е видлив и во самиот трговски центар. Овие три знанемитости (Бурџ Халифа, Фонтаната и трговскиот центар се на иста локација и може да се посетат во еден ден)
  • Atlantis Aquaventure Waterpark – Овој аквапарк се наоѓа на Палма Џумејра. На влезот на палмата стигнавме со автобус, а потоа требаше да фатиме монораил (MONORAIL). Овој транспорт беше далеку поскап од обичниот и кошташе околу 500 денарти повратна карта од лице. Картите ни вклучуваа посета на аквапаркот и аквариумот. За овој луксуз плативме по 5.000 денари од човек (10.000 ден вкупно). Но, не сум сигурна дека вреди за парите. Кога влеговме во аквапаркот, прашавме дали имаме шкавче за да можеме да ја оставиме облеката и вредните работи (пари, мобилни…), но набргу свативме дека таму се се доплаќа. Се доплаќа за пешкири, за шкавче, zip line, храната и водата се ненормално скапи. Среќа имаше фонтана каде водата можеше да се пие. Најтрагично беше што имаше премногу гужва па за да се спуштиме на тобоганите требаше да чекаме 30 минути до еден саат (или да си платиме за free pass со што се скока редот за 80%). За цел ден успеавме да се спиштиме само по еднаш од сите тобогани. Најинтересен беше тобоганот каде се спушташ со гума и поминуваш низ базен полн со ајкули. Остатокот од тобоганите беа стандард тобогани како во било кој поголем аквапарк. Откако заврши авантурата во аквапаркот тргнавме да го посетиме аквариумот. Премногу ни се допаѓаше аквариумот на двајцата, дури рековме подобро ќе беше само тука да дојдовме. Така да мислам дека ќе беше подобро и далеку поевтино ќе поминевме ако отидовме во Dubai Aquarium & Underwater Zoo (кој се наоѓа во Dubai Mall и цената е 2,500 денари, дупло поевтино).
  • DEIRA – е област во Дубаи каде што претежно живее работничката класа (барем јас имав ваков впечаток). Има интересен пазар каде меѓу другото може да си купите разни зачини и чаеви. Во овој дел се наоѓа и Dubai Museum (картите беа преевтини, околу 100 ден) каде е раскажана историјата на развојот на градот. Во овој дел на градот задолжително е возењето со познатите Abra чамци (цената е околу 20 денари во правец). Уште еден совет за Деира, кога ќе разгледувате смештај ќе видите дека најевтин е во оваа област, меѓутоа е најнесигурното место во Дубаи посебно навечер.
  • Safari Tour – Постојат различни агенции кои тури во пустина и секоја од нив има различни опции. Ова е дефинитивно нешто што мора да се прави во Дубаи. Нашата тура опфаќаше:
      • Собирање од локација каде си сместен со Toyota Land Cruiser
      • Ладни пијалоци неограничено во текот на целиот ден
      • Локација каде што имаше можност да возиш баги или четирицикл (ова се доплаќаше, но кога стигнавме таму ни се наруши меракот затоа што се возеше по определен периметар заграден со ограда, а ние си замислувавме дека ќе возиме во сред пустина 🙂 )
      • Возење со џипот низ пустинските дини (кога мислам возење, мислам на ова – линк)
      • Sandboarding (бордање со даска низ пустина)
      • Фотографирање на зајдисонце (возачите мислам дека посетуваат и курсеви за фотографија затоа што сликите кои ни ги направи Рами беа предобри)
      • Јавање камила (многу интересно, но кратко траеше)
      • Вечера во бедуински шатор – тука можеше да се облечеме во традиционална арапска облека за сликање, можеше да се сликаме со сокол, да пушиме наргиле, тетоважа на раката (henna tattoo), ништо од ова не се наплаќаше дополнително. На крај имаше вечера и музичко шоу на традиционални танцувања (Tanoura dance и Belly dance.). Вечерата беше со вид на шведска маса, а понудата на храна беше огромна. Имаше избор секакви арапски специјалитети па воопшто немаше потреба за време на одморот да седнеме во некој ресторан за да пробаме и да трошиме пари.

Оваа тура не кошташе по 3.000 денари од лице и навистина беше нешто што најмногу вредеше за парите. Букирањето го направивме преку Ocean Air, на нивната страница ќе видите најразлични понуди.

Резиме

Вкупно за патувањето во Дубаи потрошивме 1.200-1.500 евра за двајцата и со тоа поминавме дупло поевтино отколку да отидовме преку агенција. Поминавме супер, без никакви проблеми се снајдовме и со букирањата на турите кои ги направивме онлајн немаше никакви проблеми. Доколку можам да го вратам времето, наместо аквапаркот би отишле во аквариумот во Dubai Mall и би отишле на две тури на сафари (можеби едната со спиење и јавање камили цел ден).

Се надевам дека постот ќе им биде корисен на повеќе луѓе кои сакаат да отидат во Дубаи на одмор. Доколку сакате да ме прашате нешто подетално или да го споделите вашето искуство со патување во Дубаи слободно пишете ми во коментарите подолу.

Home with Zoe
TAGS:

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Најстари
Најнови
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите