Во овој пост ќе пишувам кој документи се потребни за упис на новороденче и издавање на извод од матичка книга на родени.
Најприн потребно е да се заведе раѓањето на бебето и да се издаде извод од матична книга на родените. Ова задолжително треба да се направи во рок од 30 дена од денот на раѓање на бебето, во спротивно се плаќа казнаод 30 до 100 евра. Истото се прави во Управата за водење на матични книги која се наоѓа десно откако ќе се помине Камени мост, поранешна Комерцијална банка. Потребни документи се:
- Копија од лична карта (пасош) од родителите и оригинал за проверка
- Копија од извод од матична книга на венчани од родителите и оригинал за проверка (датумот на издавање да не постар од 2007 година)
- Барање за издавање на извод од матична книга на родени за новороденче (Барање) – Може да се пополни на лице место.
- 100 ден. административна такса (Уплатница) – Уплатата може да се направи и со картичка на лице место.
- Уплата од 50 ден. на жиро-сметката на Управата за водење на матичните книги (Уплатница) – Уплатата може да се направи и со картичка на лице место.
- Отпусно писмо од болница или картон за новородено – Овој документ не е задолжителен, односно го бараат на увид само доколку болницата каде е родено детето ги нема информирано за раѓањето. Поради оваа причина некогаш го бараат, некогаш не. Вие за секој случај понесете го.
Документацијата ја поднесува лично еден од родителите. Откако ќе се поднесат документите за издавање извод, од управата ви даваат бројче за подигање. Потребно е да потенцирате доколку подигањето на изводот сакате да го направите во некоја од подрачните единици на Управата.
Изводот е можно да се извади и во болница (важи за државните болници), но како што читав искуства се чека многу долго. Исто така поради ситуацијата со Ковид, во моментов оваа опција не е во функција.
Уписот на новороденче и издавањето на извод не може да се направи по електронски пат бидејќи бебето сеуште нема добиено единствен матичен број.
Изводот од матична книга на родените представува основа за издавање на државјанство или патна исправа (пасош). Исто така, изводот представува основен документ за отворање на породилно отсуство, аплицирање за еднократна парична помош и слично.