Да не бидам лицемерна, искрено ќе кажам дека кога Зои се откажуваше од носење пелени не го користевме целосно Монтесори пристапот. Едноставно околностите беа такви и немав можност да бидам со Зои цело време за тоа да биде успешно. Сепак, бидејќи сум поборник за Монтесори методологијата се осеќам должна да ви кажам како иде процесот за одвикнување на пелени по Монтесори.
Монтесорците, сметаат дека постојат сензитивни период за учење на одење во тоалет. Сензитивните периоди се период кога е полесно да се научи нешто бидејќи постои интензивен интерес за тоа. Сензитивниот период за учење одење во тоалетот се смета дека е од 12 месеци до 2.5 години. Сепак, секое дете е различно и влегува во чувствителните периоди со свое темпо. Како фаза на подготвеност се смета кога децата почнуваат да остануваат суви подолго врме, покажуваат поголем интерес за нокширот, а можеби дури и комуницираат кога треба да одат во тоалет.
Веќе по првата година, откако детето веќе самостојно стои пресоблекувањето и менувањето на пелени се префрла во тоалетот. Тоа се прави стоечки, наместо детето да биде легнато. Се поттикнува детето да биде поактивно во целиот тој процес. Тоа може да вклучува само да ги облака панталоните, да ја фрла пелената и слично.
Според Монтесори, учењето за одење во тоалет не е нешто што се случува преку ноќ, за три дена или за една недела. Не се користат награди или казни. Едноставно тоа бавен и постепен процес преку кој се почитува интересот, способноста и зголемената свесност кај детето и може да трае неколку недели или неколку месеци. Потребно е да се воздржиме и да не го брзаме детето низ овој нормален човечки процес, да се фокусираме и да го следиме неговото водство.
Подготовка на околината
Како и повеќето работи во Монтесори, учењето за одење во тоалет започнува со подготовка на околината.
- Мал нокшир е одличен начин за почеток. Секако дека може да користите и адаптер за ВЦ школка заедно со столче на кое може да се поткачи за самостојно да седне, но повеќето деца се чуствуваат побезбедно кога користат нокширче.
- Понатаму набавување на гаќички (обични гаќички и/или специјални гаќички за тренинг) се важни и треба да ви бидат достапни во тоалетот.
- Столче на кое детето може да се качува за да го користи лабавото за да може самостојно да мие раце и заби.
- Може да спремите неколку книги за во тоалетот. Ова може да бидат специјални книги за откажување од пелени, но не мора сите да бидат на таа тема.
Откако ќе ја подготвите средината, почнувате да го поканувате детето да седи на нокширчето. Ова се прави неколку пати во текот на денот и веќе треба да стане дел од вашата дневна рутина. Во ниеден случај не треба да се форсира детето, туку, само да му се даде можност и тоа да се претвори во позитивно искуство. Откако детето ќе покаже знаци дека е спремно (подолго време е суво, почнува да комуницира дека му се оди во тоалет и слично) се зголемуваат и приликите кога му се нуди да седне на нокширче.
Прво се воведува нокширот, а потоа пелените се заменуваат со гаќички. Модерните пелени за еднократна употреба се навистина ефикасни и не пропуштаат, но децата не се чувствуваат влажни кога ќе се помочкаат а со тоа се помалку свесни за нивните телесни функции. Затоа се препорачува да се користат памучни гаѓички за тренинг или обична долна облека.
Без награди и казни
Методот на Монтесори за учење одење во тоалет не користи награди кога детето седи на нокшир, а во никој случај не се користат казни и не се исмејува детето кога ќе му се случи некоја незгода. Кога детето успешно ќе изврши нужда таму каде што треба, потребно е да се воздржите од радување и навивање (може ова е најтешкиот дел). Можеме да искоментираме што направило и да ви помогне да го истурите нокширот во ВЦ школката па да го измиете. Тоа може да биде поголема награда наместо давање стикер или бонбона.
Доколку се случи незгода, не го срамете вашето дете. Однесувајте се како да е вообичаена ситуација, без да му судите и поканете го детето да ви помогне да исчистите. Со текот на времето детето ќе почне да ги препознава неговите телесни нагони и ваквите незгоди ќе бидат се поретки и поретки.
Овој метод започнува многу порано од многу други методи за учење во тоалет. Потребно е да бидете позитивни и да го признаете прогресот кој го има направено вашето дете, колку долго и да трае. Важно е да се запамети дека е долг процес кој треба да го следи водството на детето. Не треба да се очекува дека детето нема да има незгоди за неколку денови или недели. Регресиите се исто така очекувани и нормални. Со други зборови, со овој метод треба да се почне во доста рана возраст и е процес кој трае, па не е соодветен доколку сакате брзо да се ослободите од пелените. Од моја гледна точка овој метод е погоден само доколку има некој дома со детето, но доколку иде во градинка или го чува некој друг работите стануваат многу покомплицирани. Поради оваа причина јас не се одлучив да го користам методот кога ја одвикнувавме Зои од носење пелени. Повеќе за нашето искуство може да прочитате тука. Освен методот по Монтесори, имам пишувано посебен пост со совети за одвикнување на пелени кои ги применувавме ние кога ги откажувавме пелените.