Search here...
TOP
Зои Мајчинство Совети

Нашето искуство за одвикнување од пелени за 3 дена

Некаде околу втората година од животот децата, зборовите „одвикнување од пелени“ почнуваат да навлегуваат во мислите на родителите, често со чувство на неизбежен страв. Веројатно сите си го поставуваме прашањето кога е вистинското време да започнеме со овој процес. По Монтесори, се смета дека постојат сензитивни периоди во животот на децата кога покажуваат интерес за учење на одредена вештина и кога се наоѓаат во тој период учењето доаѓа со голема леснотија. Доколку сензитивниот период за учење е поминат, потребно е да се вложи поголем напор за да се совлада одредена вештина. Сензитивниот период за одвикнување од пелени, се смета дека е од 1 до до 2.5 години што значи дека овој период е идеален за детето да се одвикне од носење на пелени, односно да научи да го користи тоалетот.

Повеќе за сензитивните периоди според Монтесори методологијата ќе пишувам во посебен пост каде меѓудругото, подетално ќе објаснам како треба да иде процесот за одвикнување од пелени по Монтесори начинот. Во овој пост сакам да посветам повеќе внимание за нашето искуство со одвикнувањето на пелени. Имајќи предвид дека јас и сопругот одиме на работа, а Зои ја чува татко ми, ми беше неблагодарно овој процес да трае многу долго (како што е сугерирано по Монтесори) бидејќи во овој случај најголем дел од товарот ќе паднеше на татко ми што не сметав дека е фер. Поради оваа причина, решивме да одиме со еден комбиниран пристап кој за среќа се покажа како многу успешен бидејќи за само 3 дена успеавме да се одвикнеме од пелени.

Веднаш после Велигден, земав 3 дена одмор за да ги посветам за справување со овој предизвик. Искрено, не бев голем оптимист дека ќе успееме, но беше совршено време да пробаме. Инаку, Зои е дете на кое воопшто не му смета полна пелена. Се има случено памперсот да и пропушти од премногу мокрење, а таа воопшто да не се пожали. Исто така, може со часови да седи покакана, па дури и протестира кога сакаме да смениме пелена. Oпшто, во последно време, прави проблеми кога ќе дојде време за пресоблекување, па се бркаме, се молиме, звучи познато нели?

Пред да започнам да раскажувам за деновите кога официјално започнавме со тренингот, сакам да напоменам дека пред неколку месеци купивме адаптер за ВЦ школка. Во овој период почнавме да ја припремаме за тренингот, неколку пати ја имавме седнато на адаптерот (од кои дури еднаш се помочка), објаснувавме за носење гаќички, дури и земав едно пакување pampers pants како замена за обичните пелени. Сепак, не ми изгледаше дека покажуваше некој особен интерес па воопшто не инсистиравме. 

Па така, кога решив дека слободните денови ќе ги искористам за да се посветам целосно на тренингот за одвикнување од пелени, истражив и прочитав се што можев во врска со различните типови на тренинзи за да направам некој план и комбинација која мене ми одговара и да започнеме што поскоро. Зои имаше 2 години и 4 месеци.

Самиот тренинг одеше вака…

Вечерта пред да си легнеме и кажав дека од утре ќе носиме гакички и дека пелените ќе ги фрлиме. Откако заспа, го подготвив тоалетот. Го ставив нокширчето, извадив неколку книги и една корпа каде ставив неколку пара гаќички, влажни марамици и тоалетна хартија. Утредента само што стана од спиење, наместо да дојде и да си се гушкаме во спална како што правиме вообичаено, ја однесов во тоалет. Седна на нокширчето, па дури и пушти неколку капки што јас го протолкував како одличен знак. Знак дека од старт ќе ни тргне работата. Но, не беше баш така. Облековме гаќички и го започнавме новиот ден. Во текот на денот, постојано ја прашував дали и се мочка, ја прашував и како ќе ми каже кога ќе и се мочка. Со неа бев цело време без никакви дистракции, значи телефонот на страна, без телевизор и слично. Цело време седевме на под во нејзината соба и си игравме. За ова време и давав да пие многу течности за да и се мочка повеќе пати во денот. Но, постојано и се испушташе и се мочкаше во гаќи. Кога ќе се измочкаше, некогаш ќе ми кажеше „Види мамо“, некогаш воопшто не ми кажуваше, се случуваше да се смее, а и да заплаче зошто се измочкала. Во овие моменти, мислам дека е најважно во никој случај да не се посрамотува детето!!! Сепак, тоа е мало дете кое учи и не смееме ние како родители да се лутиме. Едноставно, ќе и кажев: „Леле мама, се измочка? Ајде бргу да се измиеме и да облечеме чисти гаѓички. Нареден пат кога ќе ти се мочка ќе ми кажеш нели?“ или во ситуациите кога плачеше зошто се измочкала ќе и објаснев „Не е ништо страшно, ти сеуште учиш. Јас не очекувам да научиш одма. Наредниот пат ќе ми кажеш „Мамо ми се мочка“ и веднаш ќе трчаме до нокширчето“.

Тренинг за одвикнување од носење пелени | Trening za odviknuvanje od nosenje na peleni

Друга работа која ја користев за мотивација беа награди. Значи да се разбереме, јас сум родител кој воопшто не користи методи на награди, казни и уцени. Но, скоро сите методи кои ги сретнав користија некој вид на стимуланс. Зои многу сака ТИК-ТАК бонбончиња, па и кажав дека кога и да се измочка во нокширче, ќе добие ТИК-ТАК бонбонче. Ова траеше само првите неколку мочкања на нокшир, постоа она веројатно забораваше да побара, а јас самата не и нудев. Исто така, Дејан направи една табела на лист хартија каде што Зои требаше да се „потпише“ после секое мочкање. Ова се покажа како полн погодок и многу и беше интересно. Ветувањето беше да се измочка 5 пати за да добие сладолед.

Тренинг за одвикнување од носење пелени | Trening za odviknuvanje od nosenje na peleni

Сепак во текот на првиот ден, цел ден мочаше во гаѓи наместо во шолја. Само еднаш пред спиење се измочка во нокширче. Но и покрај неуспешниот прв ден, не се откажав и решив да продолжам минимум три дена со овој тренинг. Вториот ден веќе како да имав друго дете. Уште веднаш сабајле кога стана седна и се помочка во нокшир. Облековме гаќички и почнавме со денот. Од цел ден, имаше само една незгода со мочкање и една незгода со какање. Овој ден ако добро се сеќавам само еднаш ми кажа „Мамо мочка“, сите останати пати иницијативата беше по поставено прашање од моја страна. Морам да напоменам и колку беше среќна кога ќе се помочкаше и колку скокаше од радост.

Веќе третиот ден немаше ниту една незгода, и повеќето пати кога и се мочкаше самата ми кажуваше, дури и самата ќе се соблечеше, ќе си седнеше во нокширче и потоа сама ќе се облечеше. Имавме веќе и ритуал кој мислам дека влијаеше да го олесни овој процес. Откако ќе мочка, ќе се облечеше и нокширчето сама ќе го истуреше во шолја. Потоа се качуваше на скаличките кои и се оставени за да го дофати лабавото, ќе пуштеше вода и ќе си измиеше раце. Потоа на листот ќе се потпишеше дека се има измочкано. 

Овие три дена бевме дома во карантин. Од претходно имав обезбедено се што ми е потребно за да не морам да излегувам надвор (или тоа го правев откако ќе заспиеше Зои). 

Четвриот ден, се си продолжи како и претходно, немаше ниту една незгода. Овој ден излеговме и надвор да се прошетаме. Секако носев резервни гаќи и панталончиња, но немавме инцидент. Попладнето дојде другарка ми на гости која има детенце кое е скоро една година поголемо од Зои. Тоа беше одлична прилика за да види Зои дека и други дечиња си мочкаат во нокширче, бидејќи таа многу учи од други деца. Овој ден имаше само незгода за голема нужда бидејќи беше малку уплашена да кака во нокшир.

Тоа е нашата приказна за одвикнување од пелени. Ќе пишам еден посебен пост како да се подготвите подобро за овој тренинг. Сакам да напоменам дека во текот на тренингот за спиење на Зои и облекував пелени (Pampers Pants) кои ги викавме „гаѓички за спиење“. По голема нужда прв пат во нокши отиде 6-тиот ден од тренингот и од тогаш па натаму многу ретко ни се случуваат незгоди. Пелена (гаќички за спиење) сеуште и стававме 2-3 недели по тренингот. Откако приметивме дека се буди сува престанавме да и ставаме пелени за време на дневните дремки. Во рок од еден месец преставме да и ставаме пелена за спиење и навечер затоа што самата веќе си стануваше (односно се будеше и почнуваше да плаче) кога ќе и се примочка. Во ова време исто така сама си покажа дека сака нужда да врши повеќе на ВЦ школка отколку на нокшир, па нокширот го користиме само ако стане навечер за да не се расонува премногу. 

Се надевам дека нашево искуство ќе ви помогне и дека ќе ве охрабри да се обидете да ги откачите пелените 🙂

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите