Search here...
TOP
Мајчинство Совети

Подготовка за тренинг за одвикнување од пелени

Ако во просек менуваме по 5 пелени на ден, (а добро знаеме дека најчесто се и повеќе) тоа значи дека неделно менуваме по 35 пелени, месечно по 150 пелени или по минимум 1825 пелени годишно. Па, по она што може да изгледа како бескрајно менување пелени (и бескрајни битки за менување пелени), има смисла дека сте подготвени да ги откачите пелените и да започнете со процесот на одвикнување и вршење нужда во нокшир/шолја.

Нашиот тренинг за одвикнување од пелени траеше само 3 дена. За нашето искуство подетално може да прочитате на овој пост тука. Овој пост ќе биде посветен на подготовката за тренингот за одвикнување од пелени и неколку совети како полесно да го поминете овој процес. Но, најпрво од се, треба да се запрашате дали вие заедно со вашето дете сте спремни за овој чекор. Да, вие бидејќи покрај тоа што треба да посветите неколку дена за да вашето дете ја совлада оваа нова вештина треба да бидете спремни да трчате во WC кога сте во трговски центар, да се отсрамите и го клекнете детето да мочка во паркот. Едноставно да се помирите со новата реалност дека повеќе не одлучувате вие кога ќе ја смените пелената туку со брзина на светлината да реагирате кога детето ќе има потреба 🙂

Инаку, кога веќе спомнав за одење во тоалет во паркот, се сеќавам дека пред да имам дете, па дури и кога бев трудна, со сопругот коментиравме кога ќе видевме мајка/татко со дете како врши нужда на отворено. „Добро, до толку не може да го однесе до дома? Ене каде живее“ или „Зар не може да најде тоалет во близина?“. Сигурно има поделени мислења на темава ама сега според мене сосема е во ред вршење нужда на јавно (заскриено) место во првите неколку месеци од одвикнувањето од пелени затоа што детето едноставно не може воздржи да трпи доволно долго за да дојдете дома или да најдете соодветно место за вршење нужда.

Што значи три дневниот метод за одвинување од пелени?

  1. Кога ќе решите да започнете со тренингот облекувате гаќички наместо пелени или пак го оставате детето да биде голо од половината па надолу цел ден. Целта е да научи да биде повеќе во склад со неговите телесни знаци. Да, ќе има незгоди, но тоа е поентата. Разговарајте со него и објасете му дека повеќе пелени нема да се носат.
  2. Идеално е да посветите неколку дена каде што целосно ќе се посветите на детето. Тоа значи дека буквално го оставате телефонот на страна, ги оставате сите домашни обврски и постојано седите со детето следејќи го секој негов чекор. Најдобри резултати има кога сте во целосен карантин овие денови, без излегување надвор. Добро би било претходно да се подготвите со пазарување на се што ви е потребно и обезбедување на некои игри и анимации за детето.
  3.  Набљудувајте го детето преку целиот ден и барајте знаци дека му се оди во тоалет. Постојано прашувајте го дали му се мочка. Прашувате го како ќе ви каже кога ќе му се мочка. Давајте му повеќе течности во текот на денот за да го охрабрите повеќе пати во денот да оди во тоалет.
  4. Ако детето има незгода (сигурно дека ќе има) во никој случај не му викајте и не го засрамувајте дека направил нешто погрешно. Сепак тоа е процес на учење и не смеете ниту да се нервирате, ниту да се лутите. Едноставно, ќе го избришете и ќе му кажете дека нареден пат треба да ви каже дека му се мочка и дека сега се мочка во нокшир/шолја.
  5. Пред да спие, понудете му да оди во тоалет. Треба да решите дали тренингот ќе го терате целосно без пелени или сепак ќе облекувате пелени за спиење. Јас одлучив на Зои да и ставам пелени за спиење. Ги викаме гаќички за спиење (pampers pants). Експертите велат дека малите деца не можат да останат суви цела ноќ додека не наполнат 5 или 6 години. 

Тренинг за одвикнување од носење пелени | Trening za odviknuvanje od nosenje na peleni

Што ќе ви биде потребно?

  1. Купете нокшир или адаптер за шолја (или двете па видете што повеќе ќе му одговара). Ова може да го направите доста порано, пред да решите да започнете со тренингот. Едноставно да го запознаете со нокширот, да видите што повеќе му одговара нокшир или директно на ВЦ школка.
  2. До нокширчето оставете неколку книги кои може да ги читате додека седи на нокшир. Добро би било да најдете специјална кнгига за одвикнување од пелени. Може да му пуштите видео од други дечиња како одат во тоалет (ќе најдете на youtube). Мислам дека одлично би било пред да започнете со тренингот да одите кај некое другарче коe веќе користи нокшир за да му „покаже како треба“.
  3. До нокширчето имајте спремно резервни гаќички, влажни марамици и тоалет хартија. 
  4. Имајте предвидено доста резервна облека за пресоблекување и суви гаќички. Голема е веројатноста дека секоја вечер ќе пуштате машина за перење алишта за да бидете спремни за наредниот ден.

Тренинг за одвикнување од носење пелени | Trening za odviknuvanje od nosenje na peleni

Како да знаете дека вашето дете е спремно повеќе да не носи пелени?

Одговорот на ова прашање е индивидуален и зависи од самото дете. Доколку се прашувам јас, верувам во монтесори теоријата дека постојат сензитивни периоди во кои детето многу побрзо може да совлада одредена вештина. Сензитивниот период за одвикнување од пелени се смета дека е од 12 месеци до 2.5 години. Повеќе за одвикнување од пелени според Монтесори методот може да прочитате тука.

Сепак има одредени знаци кои ќе ви покажат дека вашето дете е спремно за одвикнување од пелени.

  • Поминува подолго време помеѓу менување пелени. Идеално, детето да може да ја чува пелената сува најмалку два часа. Пред да почнеме со тренингот, на Зои и менував 4 пелени во текот на денот;
  • Вашето дете моча и кака во одредено време од денот;
  • Знае да комуницира со вас кога мочка или кака, сеедно дали е тоа со зборови, со мимики или едноставно се тргна на некое приватно место;
  • Покажува интерес за нокширот или ВЦ школката;
  • Можеби збучи чудно, но и протестирањето при облекувањето и менување на пелени исто е добар знак дека е спремно повеќе да не носи пелена;

Неколку совети кои може да ги примените за полесен тенинг

  1. Награди. Во глобала сум против награди, казни и уцени како начин на воспитување на децата. Сепак, признавам дека кога го правевме тренингот користев награди како стимуланс или мотивација за успешно поминување на овој процес. Мислам дека нема штета ако неколку дена му нудите нешто за дополнително да го мотивирате, доколку обична пофалба не помага. Може да му дадете бонбонче, сладолед, стикер и слично. Давајте му првиот ден-два после секое успешно одење во тоалет, потоа само ако ви побара. Веќе третиот ден може и да не ви бара, а вие да не му нудите. Вака беше барем случајот со Зои.
  2. Одбирање гакички. Секогаш е добра идеја на детето да му нудите избор и можност да носи одлуки. Однесете го во продавница и дозволете му сам да си ги одбере гаќичките што ќе ги носи. Инаку, јас со време нарачав многу добри гаќички од Алиекспрес. Малку се здебелени така што во зависност од тоа колку ќе се измократ можно е и да не пропуштат, барем не толку како обичните гаќи. Башка тоа дизајните се преслатки. Ви оставам линк на сликте доколку сакате да си ги нарачате.

  1. Децата обожаваат да помагаат по дома. Верувам дека ќе му биде многу интересно доколку му дозволите да го истури нокширчето во шолјата, да пушти вода или пак да ви помогне да избришете по направената незгода.
  2. Изберете погодно време за спроведување на тренингот. Гледајте тоа да не се поклопува со некој голем настан како преселба, доаѓање нов член во семејството или доколку неодамна бил болен.
  3. Бидете инфлуенсер. Ако се чуствувате удобно, земете го вашето дете со вас во тоалет и покажете му како се користи. Децата секогаш се мотивирани од нивните врсници. Затоа доколку нема постар брат или сестра кој може да му покаже како се користи нокширче однесете го кај некое другарче.
  4. Најлон за гарнитура. Може да земете најлон за да ја заштитите гарнитурата или останати предмети кои не сакате „ненамерно“ да се извалкаат. Мислам дека најевтин најлон може да најдете во продавниците за бои и лакови. Оние најлони кои се користат за молерисување. Ние за време на тренингот седевме исклучиво на под и си игравме за да не направи „белја“ таму каде што не сакам.
  5. Давајте му повеќе течности во текот на денот. Колку повеќе течности пие, толку повеќе можности ќе има да вежба да оди на нокшир. Може да понудите млеко, вода, сокови, како и храна која содржи течности (како лубеница). За да го поттикнете да пие повеќе, можете да му давате да јаде повеќе солена храна.
  6. Без срамење и навреди. Никогаш немојте му правите на детето да не се чуствува убаво доколку не отиде во тоалет на правото место. Избегнувајте да ги користите зборовите „смрдиш“, „лошо дете“, „какан“, „валкан“, „срамота“ и слично. Совладувањето на оваа вештина треба да биде интересно и позитивно искуство ако сакате побрзо да имате ефекти.

Тренинг за одвикнување од носење пелени | Trening za odviknuvanje od nosenje na peleni

За крај сакам да кажам дека тренингот за одвикнување од пелени е процес, затоа потребно е да бидете трпеливи и да не очекувате резултати веднаш. Но, никако не се откажувајте ако после првиот ден нема никаков напредок. Спроведете го тренингот барем три дена, па доколку нема напредок можно е едноставно да немате проценето дека детето е спремно. Постапката може да ја повторите за 1-2 месеци повторно, а во меѓувреме ќе разговарате со детето и ќе му давате можности доколку сака да го користи тоалетот.

Се надевам дека овие совети ќе ви помогнат да имате успешен тренинг за спиење. Јас посветив доста време истражувајќи на оваа тема па сакав она што го прочитав и научив да го скоцкам во еден пост кој искрено се надевам дека ќе ви помогне.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите