Search here...
TOP
Направи сам Празници се ближат

Направи сам – Адвент календар

Додека се подготвуваме за најубавиот период од годината, има ли подобар начин да ги одбројуваме деновите до новата година од празничен АДВЕНТ календар?

Адвент календарот потекнува од латинскиот збор „adventus“, што значи „доаѓање“ или „пристигнување“. Aдвент календарите потекнуваат од христијанската (католичка) сезона на Адвент (Доаѓањето), која обично ги опфаќа четирите недели што водат до Божиќ. Првично, овие календари служeле како дневен потсетник за претстојната прослава на раѓањето на Исус.

Со текот на времето, адвент календарите имаат добиено различни форми и прифатија посекуларна природа. Традиционално, тие се состоеле од едноставен картонски дисплеј со 24 прозорци, од кои секој има скриено изненадување. Како што отворате прозорец или врата секој ден, тоа ви открива мало задоволство, текст од Библијата или празнична слика.

Во последно време Адвент календарите стануваат популарни и кај нас бидејќи по мене лесно прифќаме интересни традиции од Западот 🙂 Поради различните календари на католиците и православните, имаме малку извртена слика околу славењето на Новата година и Божиќ. Односно, во нашето општество одсекогаш повеќе значење се придава на Нова година отколку на Божиќ (поправете ме ако грешам) што по мене е многу погрешно, но едноставно така функционираме откако паметам за себе. Па поради оваа причина, исто како што поклончињата за Божиќ ги отвораме на 01 Јануари од новата година, така и нашето „одбројување“ на деновите со адвент календарите започнува од 01 и трае до 31 Декември.

Сепак, бидејќи сум помирена со овој факт, оваа традиција на „Одбројување“ ми е интересна и годинава прв пат ја прифативме во нашата фамилија. Во овој пост сакам да ви споделам како го направив адвент календарот за мојата керка Зои и да ви ги споделам картичките кои ги изработив со бројки од 01 до 31 за да ги искористите доколку ви се доападнат!

Што ви е потребно:

  • хартиени кеси за сендвичи (купени од DM)
  • картички со бројки 01-31 (може да ги симнете тука)
  • перфоратор (за правење дупчиња на хартијата)
  • врвка (за врзување)
  • силиконски пиштол или лепило
  • подарочиња

Начин на изработка:

Хартиените кеси ги полните со подарочиња, картички, алатки за активности. Ја затворате кесата и одозгора ја лепите картичката со бројка. Правите дупче со перфоратор и протнувате врвца за да може да ги закачите кесите. За закачување јас имав една дрвена украсна скала па кесите ги врзав на нив. Како алтернатива може да искористите гранка од дрво или пак само да ги наредите во некоја кутија. Дури можете секој ден да оставате само по една кесичка по елка, а останатите да ги чувате настрана. Ова е посебно згодно кога имате мали нестрпливи дечиња. Искрено јас не знам дали Зои ќе издржи да отвораме по една кесичка дневно. Можно е еден ден да се вратам од работа и да ги начекам сите поклони отворени, а таа ушлапана во чоколадо 🙂 🙂 🙂

Што да полните во кесичките?

Кога се работи за полнењето во кесичките или подарочињата, треба да имате на ум тоа да бидат едноставни работи кои нема да ве коштаат цело богатство. Обично во адвент календарите се ставаат чоколатца или други слатки задоволства. Но, може да ставите ситни играчки или картички со семејни активности кои ќе ги правите заедно! Дури во адвент календарот може да има мини предизвици, односно правење добри или хумани дела секој ден.

Неколку идеи што може да ставите во кесичките:

  1. мастики
  2. чоколатце
  3. лижавче
  4. смути кесичка
  5. бонбончиња
  6. сапуница за правење балончиња
  7. книга/сликовница
  8. новогодишни чорапчиња
  9. ракавички/капа
  10. мали подарочиња (колички, кукли, коцки…)
  11. ситни парички да си купи нешто од продавница
  12. венчиња (може да бидат празнични во форма на еленче)
  13. шноли, ланчиња, обетки, прстенчиња
  14. креми, лак за нокти
  15. лабело
  16. шминки
  17. бањање со пења, играчки, светло, боја
  18. балончиња за дување (по можност со новогодишни мотиви или претходно нацртани од ваша страна)
  19. тетоважи (повторно ако најдете новогодишни)
  20. стикери
  21. ѓаволско топче
  22. сензорни активности
  23. пластелин и/или алатки за работа со пластелин
  24. активност – красење елка
  25. активност – изработка на елка од пластелин и красење со лампиончиња
  26. активност – правење снегулки од хартија
  27. активност – лепење на брадата на Дедо Мраз со памукче
  28. активност – вечер со новогодишни пижами
  29. активност – вечер на фамилијарно спиење под елка
  30. активност – правње топло чоколадо со разни топинзи
  31. активност – гледање божиќен филм дома
  32. активност – пуканки + божиќен цртан
  33. активност – правење колачиња
  34. активност – правење gingerbread куќичка (рецепт може да најдете тука)
  35. активност – шетање на плоштад
  36. активност – сликање со Дедо Мраз
  37. активност – посета на лизгалиште
  38. активност – посета на кино
  39. активност – посета на некој трговски центар
  40. активност – посета на театар/куклена претстава
  41. активност – новогодишни работилници за деца
  42. активност – облечете новогодишни пиџами
  43. активност – облечете новогодишни џемпери
  44. активност – направете новогодишна честитка
  45. активност – напишете писмо до Дедо Мраз
  46. активност – направете новогодишни лампиони (еве неколку предлози: лампион ангелче, лампион од хартии за мафини, лампион Дедо Мраз, )
  47. активност – одете на прошетка за да го видите украсувањето на градот
  48. активност – слушајте, пејте и играјте на новогодишни песни
  49. активност – пакувајте подароци за празниците
  50. активност – направете специјален доручек
  51. активност – играјте друштвена игра заедно како фамилија
  52. новогодишно патување
  53. донирајте играчки/облека
  54. направете хумано дело

Доколку подарочето е големо и не го собира во кесата, во тој случај може да оставите картичка со слика од подарокот или картичка со текст. Откако ќе се отвори и види/прочита картичката да го дадете подарокот.

Избор на идеи за активности

Најдобар начин да ги изберете активностите за за адвент календарот е да ги  вклучите веќе планираните активности во овој месец.

Ако имате планиран напорен ден, изберете семејни активности кои се брзи и едноставни за да се вклопат во вашиот ден. На пример подароците да бидат за време на работна недела. Додека за време на викенд кога имате повеќе слободно време планирајте ги активностите кои одземаат повеќе време.

Погрижете се да имате се што ви треба за секојдневните активности! Последно нешто што сакате е да имате испланирана активност за правење божиќни  колачиња, а да ги немате потребните состојки. За оваа цел, паметно би било активностите кои ќе ги ставите и „затворите„ во календарот да ги имате напишано на еден лист за да знаете што следи наредниот ден и да ги подготвите потребните материјали.

Магијата на Адвент календарот

Без оглед на културната или религиозната припадност, Адвент календарите го надминаа своето потекло и станаа омилена традиција ширум светот. Тие служат како универзален симбол на единство и радост за време на празничната сезона, поттикнувајќи чувство на заедништво додека луѓето со нетрпение го очекуваат доаѓањето на Божиќ/Нова година.

Без разлика дали е купен во продавница или рачно ќе го изработите, овие календари ја отелотворуваат магијата на исчекувањето и радоста на споделување на празничната сезона со саканите. Тоа е совршен начин да поминете квалитетно време заедно како семејство во текот на последниот и најзафатениот месец од годината, правејќи нови спомени кои вечно ќе ги паметите. Така, додека вратите на календарот се отвораат една по една, нека се зголемува возбудата и нека духот на празничната сезона го исполни секој ден со топлина и чуда. 🌟🎄

Имајте прекрасен и магичен Декември!!!!

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите