Search here...
TOP
Игри и активности Направи сам

Игра на совпаѓање нијанси на бои

Ако вашето дете веќе ги препознава основните бои и може да ги именува, време е за level up, односно учење на нијансите на боите. Играта “совпаѓање на нијанси” е забавна и образовна активност што ги предизвикува вештините на децата во игра на совпаѓање. Секоја картичка има нијанси на една боја и соодветни штипки во таа нијанса кои треба да се закачат. Вашето дете ќе се забавува додека учи да ги разликува и идентификува различните нијанси и бои.

Бенефити на Играта:

Играта на “Совпаѓање на Бои” нуди многу користи за развојот на вашето дете:

Развивање на фините моторни вештини: За време на играта, децата треба да ги користат своите прстиња за да ги закачат штипките на соодветните картички. Оваа активност ги подобрува фините моторни вештини и контролата на движењата на прстињата, што е важен аспект од развојот.

Идентификација на бои и нијанси: Децата ќе научат да ги разликуваат различните нијанси на боите и како тие можат да бидат слични или различни. Ова ќе го подобри и нивното сфаќање на концептот потемно и посветло.

Креативност и учење преку забава: Играта не само што е образовна, туку и забавна. Децата ќе бидат инспирирани да бараат различни нијанси и да прават интересни комбинации со штипките и боите.

Како да ја подготвите играта:

  • Темплејтот на картичките може да го симнете тука
  • Дрвени штипки за алишта кои може да ги најдете на пазар или во маркетите
  • Лепак
  • Ножички

Потребно е да ги испечатите листовите и потоа да ги исечете на сразмерни парчиња. Се сечат лентите со нијанси за да добиете по 5 нијанси од една боја. Потоа се сечат малите парчиња од нијансите (страна три од темплејтот) кои одговараат на димензиите на штипката. Овие мали парчиња потребно е да ги залепите на двете страни на штипките.

За најдобри резултати, ви препорачувам да го отпечатите спремниот дизајн на подебела хартија. За да ги направите потрајни, може да ги ламинирате.

Откако ќе ја подготвите играта, понудете му ја на детето објаснувајќи му за боите и нијансите на бои и покажете му како треба да ја усогласи секоја штипка за алишта (во дадена нијанса) со соодветниот квадрат во боја! На почеток ви препорачувам да му нудите нијанса по нијанса, а како што ќе ги совладува може да му дадете нијанси и од повеќе бои.

Ваквите игри ги креирам со огромна љубов и преданост за мојата ќерка, Зои. Секој момент што го поминувам со неа е шанса да научиме и растеме заедно. Игрите се наш начин да развиваме креативни и едукативни искуства, истовремено создавајќи прекрасни спомени.

Знам дека има многу мајки и родители кои сакаат да поминуваат квалитетно време со своите деца, без да трошат многу пари за скапи играчки. Затоа, решив да ги споделам нашите направи сам игри преку мојот блог. Мојата цел е да ве инспирирам и да ви обезбедам ресурси за креативни едукативни активности кои се budget-friendly и усогласени со потребите и интересите на децата.

Воедно, тоа е мој начин да придонесам во растењето на моето дете и на останатите децата, креирајќи учење преку забава и креативност како вреден подарок за сите.

Доколку ја изработите оваа игра, не заборавај да ме тагнеш на мојот Инстаграм профил @dragana.nikoloska или остави ми коментар под постот. Сакам да видам вашата креативност и забава и да го споделиме нашето искуство со останатите родители и креативци. Нека забавата и учењето продолжат! 📸💡

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Најстари
Најнови