Доколку се прашувате како може да имплементрирате дел од Монтесори практиките во домот, одговорот е во претходно подготвена средина. „Подготвената средина“ значи дека околината треба да биде дизајнирана за да го олесни максималното независно учење и истражување на детето. Активностите и играчките се поставуваат од страна на родителот. Како родители, треба постојано да ги набљудуваме децата за да знаеме кој активности и играчки да ги понудиме. Тие треба да одговараат на нивната возраст, нивните интереси и вештини кои во моментот сакаат да ги совладаат. Друг аспект е уредување на домот на начин кој ќе овозможи самостојност на детето. Во секоја соба од домот треба да овозможиме некое мало катче кое ќе биде достапно на детето. Тоа подразбира детски мебел, закачалки и огледала поставени на ниско ниво, столчиња за качување на повисоки места, но и слики и растенија поставени на нивно ниво на кои ќе може да се восхитуваат. Монтесори просторите всушност се многу уредни и едноставни.
Постои место за се и се е на свое место.
