Search here...
TOP
Празници се ближат Рецепти

Божиќна куќичка – Gingerbread house

Bozikna kukicka | Божичка слатка куќичка | Gingerbread house

Божиќ ми е најубавиот празник во годината. Оваа година за прв пат правам божиќна куќичка, но сигурна сум дека ќе препрасне во традиција. Искрено не бев сигурна дека ќе успеам, ми изгледаше доста комплицирано за правење, а најмногу ме плашеше тоа што мислев дека ќе ми се распадне куќичката кога ќе ја склопам и залепам. Па, рецептот беше успешен и затоа сакам да го споделам со вас доколку се решите да правите ваква божиќна куќичка.

Модлите кои ги користев за сечење на тестото ги имав нарачано од алиекспрес (може да ги најдете на линкот). Но, истите ги нацртав на шаблон и можете да ги симнете бесплатно, да ги испечатите и користите за правење на куќичката.

Потребни состојки за тестото:

  • 80 гр путер
  • 170 гр мед (подобро е да користите потемен мед за да ја добиете кафеавата боја на тестото)
  • 1 лажичка ѓумбир во прав
  • 1 лажичка цимет во прав
  • 170 гр кафеав шеќер (мусковадо)
  • 200 мл млеко
  • 540 гр брашно

Потребни состојќи правење на смесата која ќе се користи како лепило и за украсување:

  • 1 белка од јајце
  • 250 гр шеќер во прав

Начин на подготовка на формите за градење на куќичката:

  1. Во тавче за сос ги ставате путерот, медот, шеќерот и зачините. На средна температура се загреваат, повремено мешајќи се додека не се добие хомогена течна и леплива смеса;
  2. Во сад за матење го ставате брашното, млекото и ја додавате претходно подготвената смеса;
  3. Мешате со миксер додека не добиете густа смеса. Садот со смесата го ставете во фрижидер да се олади и стврдне. Во фрижидер треба да седи околу 3 часа, а може и преку ноќ;
  4. Кога ќе бидете спремни да го правите тестото, го вадите садот од фрижидер. Во зависност од големината на тавчето кое ќе го користите за печење, двоите од смесата и со сукало го растегнувате тестото на дебелина од 1 см. Најдобро е да го расукате тестото помеѓу две хартии за печење за да не ви се лепи;
  5. Симнете ги и испечатете ги темплејтите, исечете ги и искористете ги да го исечете тестото по нив. Вишокот тесто повторно го расмесувате и вадите нови форми;
  6. Откако формите ќе ги исечете, ставете ги во фрижидер да се стврднат околу 30 минути за да не се деформираат при печење;
  7. Печете 15-20 минути во загреана рерна на 180°C.

Начин на подготовка на смесата која ќе се користи како лепило:

  1. Во сад за матење ставате една белка од јајце и 250 гр шеќер во прав;
  2. Матете 5-8 минути или додека стане густо и бело;
  3. Смесата ставете ја во готварски шптиц, кесички за украсување за еднократна употреба или во обични кесички за замрзнување. Имајте предвид смесата да ја поделите за два пати;
  4. Во кесичката која ќе ја користите за украсување ке исечете помал отвор, а кесичката која ќе ја користите како лепило ќе исечете поголем отвор.

Совет: Со односот белка-јајце добивате доста густа смеса и истата е идеална за лепење на куќичката, но за декорирање и цртање ми беше премногу густа. Можеби би било добро да се направи уште една поретка смеса со една белка и 180-200 гр шеќер во прав.

Декорирање и лепење на куќичката

  1. Најпрво ја декорирате секоја страна на куќичката;
  2. Оставете 4-5 часа добро да се исуши смесата за да може да ја фатите со раце без да се размачка;
  3. Ги лепите деловите од куќичката така што нанесувате поголема количина од смесата од белка и шеќер на страниците каде треба да се спојат деловите;
  4. Мислам дека е добро да се залепат четирите страни на куќата (основата) и да е почека бар еден саат малку да се зацврсти пред да го лепите и покривот;
  5. Ја оставате добро да се засуши куќичката (4-5 часа).

Би требало од смесата да ви остане доволно и за да си направите една тура на божиќни колачиња. Баш ми е криво да ја расттурам куќичкава да за ја пробам, вака барем ќе си каснеме од колачињата за да имаме идеја каков вкус има куќичката 🙂 Се надевам дека ќе се обидете да ја направите божиќната куќичка и ќе ви биде успешна, мојата е далеку од совршена, но јас сум презадоволна од тоа како испадна.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Најстари
Најнови
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите