Search here...
TOP
Мајчинство Совети

Адаптација во градинка

Gradinka Srnicka

Кога Зои наполни точно девет месеци почна да иде во градинка. Во овој пост ќе пишувам за тоа како ни помина адаптацијата во градинка и колку истата траеше. Доколку ве интересира повеќе околу уписот во градинка, може да прочитате на постот „Документација за упис на бебе во градинка“.

Тргнувањето во градинка на Зои беше многу важен настан за целото семејство. После 9 месеци заедно 24/7 оддеднаш се одделуваме на подолг временски период. Моето бебе оддеднаш премина од еден во друг животен период. Поребна ни беше адаптација на двете 🙂

Пред да почнам да зборам за самата адаптација сакам да се навратам малку наназад, месец дена пред да почне да оди во градинка. Тогаш бев во градинката да се распрашам околу дневниот распоред, исхраната и активностите кои ги имаат бебињата во јасли. Ме интересираше кој намирници ги употребуваат, дали треба да и воведам некоја нова храна што дотогаш ја немаше пробано или да ја навикнам да јаде храна која ќе и биде приготвувана во градинка. Ми кажаа дека имаат воведено жолчка и дека млечните каши ги прават со кравјо млеко. Така почнав и јас да ги воведувам тие намирници. Околку спиењето, распоредот во градинките е да ги легнуваат децата после ручекот, тоа е околу 12/12:30 часот. За возраста на Зои ова беше премногу доцна затоа што она сеуште имаше две дремки и првата и беше околу 10 часот. Во овој период се трудев колку можам да ја подготвам за одењето во градинка, за да биде полесна самата адаптација. Во однос на спиењето, се обидував да го зголемам прозорецот на будност, но тешко одеше. Исто така, ја тренирав да заспива без да ја дојам затоа што и во градинка ќе треба сама да заспива.

Беше 1-ви Септември кога Зои почна да иде во градинка. Јас сакав да почне порано за да не морам да го земам поголемиот дел од годишниот одмор од работа и за да има повеќе време за адаптација. Но, од градинката не ми дозволија. Наводно уписите почнувале во Септември иако законски ова не е точно. Во градинките уписи треба да се прават цела година.

На првиот ден со Дејан заедно отидовме да ја испратиме на нејзиниот прв ден во градинка. Негувателката ни кажа да почекаме пред вратата 10-15 минути. Кога ја земаа беше малку збунета и не плачеше. За 15 минути кога ми ја донесоа плачеше, ама онака како да се жали без плачење на глас.

Вториот ден ја однесе Дејан. Плачела малку кога ја земале негувателките. Доручкувала неколку лажички тарана со јогуртче. По 20 минути повторно ја зема Дејан, малку плачела но веднаш се смирила во рацете на тато.

Третиот ден, повторно 20 минути. Плачеше на оставање, на зимање и цело време во тие 20 минути.

Четврти и пети ден – Ми кажаа да ја земам за 30 минути, но јас ја оставив 45 минути. Не плаче, но има жална фацичка кога ќе ја земат негувателките.

Шести (1.5 часа) и седми ден (2 часа) – воопшто не плачеше ни на носење, ни на зимање. Дури ја имала и првата мини дремка во градинка.

Осми (2 часа), девети (2 часа) и десети ден (2.5 часа)  – веќе ги знае негувателките кои ја чуваат. Овие денови ја примаше негувателка која не е нејзина па нормално кај неа плачеше.

Единаести (3 часа) и дванаести ден (4.5 часа) – ги знае негувателките и повеќе не плаче. Само треба да се привикне да седи се подолго и подолго време во градинка.

Тринаести до шеснаести ден – Оваа недела јас почнав со работа, а Дејан зема одмор за да ја завршиме адаптацијата, односно од 4 часа да седи по 7 часа во градинка. Веќе на крајот на неделата беше настината со мала температура па наредниот ден остана дома. Сосема беше очекувано дека ќе се разболи. Една недела седевме дома, но кога беше подобра и кога почна да оди во градинка ме изненади тоа што воопшто не правеше проблеми, си продолжи како воопшто да не правела пауза од една недела.

Целата адаптација помина одлично. Очекувано беше да плаче на почетокот, но тоа не беше плачење без престан, за да дојдам до ситуација да се замислам дали да ја однесам наредниот ден. Иако е доста мала, со 9 месеци сепак сметам дека е поласна адаптацијата отколку после годинка. Ова го пишувам искуствено, бидејќи Зои на 11-12 месеци беше многу приврзана со мене и Дејан и воопшто не сакаше да оди кај други познати луѓе (баби, дедовци, пријатели…), а да не зборам за непознати.

Сакам да напоменам и дека адаптацијата ја почнавме откако и заврши шестиот скок во развојот, во период кога е посмирена. Периодот случајно се погоди, но верувам дека има влијание за полесна адаптација.

Неколку совети кои сметам дека може да помогнат за последна адаптација во градинка:

  • носете го бебето на гости кај баба/дедо или кај познати да седи одреден временски период (пожелно без вас)
  • видете како реагира на луѓе кои не и/му се познати
  • воведете ја рутината која ќе ја има во градинка (колку можете во однос на хранењето, спиењето и активностите)
  • кога ќе почне со градинка престојот нека биде краток и постепено зголемувајте го времето – самото бебе/дете ќе ви покаже, а секако тука се и негувателките
  • носете го редовно – многу е важно да не правите паузи освен ако тоа е неопходно (подари тешка настинка, болест)
  • имајте позитивен став кон градинката (со Зои кога идеме накај градинка секогаш и зборувам, и пеам песнички и правам да и биде забавен патот до градинката)
  • бидете смирени – колку и да е тешко, бебето не треба да осети дека сте тажни и загрижени зошто го оставате во градинка.
  • направете си некој специјален поздрав кој ќе биде дел од рутината за оставање во градинка. Никогаш не заминувајте без поздрав, но и не се задржувајте предолго
  • откако ќе го земете од градинка потребно е да му посветите повеќе време. Верувајте дека многу му недостигате и сака да биде со вас.

Ви посакувам на сите лесни адаптации. Градинката носи свои предизвици, најмногу поради честото разболување. Сепак, викаат дека е најдобро имунитетот да го стекнат помали, па на тој начин се тешам. Сметам дека градинката е подобра за осамостојување на детето, социјализација, развој на нови вештини и учење на нови работи!

Како помина адаптацијата на вашите дечиња во градинка? Споделете го вашето искуство!

На посебен пост имам пишано кој права согласно законот за работни односи се предвидени поради бременост, раѓање и родителство. Сакам да го напоменам правото на мајката доилка (член 171-а од Закон за работни односи), односно дека работничката која го дои детето до првата година на детето има право на платена пауза во текот на работното време, односно да си оди 1.5 часа порано од работа (со засметана пауза). За исполнување на ова право потребно е да се поднесе писмено барање/известување до компанијата во која сте вработени.

Home with Zoe

«

»

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите