
Како што се приближува терминот, така списокот со работи што сакам да ги завршам станува сè подолг. 😅
Иако ова ми е второ бебе и овојпат многу работи веќе ми се познати, повторно имам чувство дека постојано се појавува нешто ново на кое треба да помислам. Од подготовките за болница и работите за бебето, до сите оние ситници дома што сакам да бидат завршени пред да дојде денот.
Третиот триместар, особено последните неколку недели, за мене е период кога сакам полека да ги затворам сите „отворени точки“. Не затоа што сè мора да биде совршено подготвено пред да се роди бебето, туку затоа што знам колку многу значи првите денови дома да не морам да размислувам дали имаме пелени, каде се документите или кој ќе биде со поголемото дете додека сме во болница.
Затоа си направив листа со 20 работи што сакам да ги завршам во третиот триместар. Ја споделувам и тука, можеби ќе и помогне и на уште некоја идна мама. 🤰🏼🤍
1. Спакувај ја торбата за во болница
Не би ја оставала торбата за последните денови. Подготви ги работите што ќе ти бидат потребни за тебе и за бебето, а работите што ги користиш секојдневно можеш да ги додадеш непосредно пред да тргнеш. Добра идеја е и партнерот да знае што каде се наоѓа во торбата. Ќе направам посебен пост што имаше во мојата торбица за болница 🙂
2. Подготви ги документите за прием во болница
Собери ги на едно место личните документи, медицинската документација, анализите и сè што конкретно бара болницата во која ќе се пораѓаш. Последното нешто што сакаш кога ќе дојде време да тргнеш е да бараш документ низ фиоки.
3. Намести го транспортерот или седиштето за бебето во автомобилот
Не го оставај првото местење на транспортерот за денот кога ќе излегувате од болница. Наместете го навреме според упатството на производителот и проверете како правилно се прицврстува бебето. Добро е и двајцата родители да знаат како функционира.
4. Испери ги и подготви ги алиштата и останатите работи за бебето.
Испери ги првите алишта, чаршафите, муслинските пелени, прекривките и останатиот текстил што ќе доаѓа во директен контакт со бебето. Организирај ги по големина и намена за првите недели да не мораш да пребаруваш низ куп алишта.
5. Подготви го креветчето и безбедното место за спиење
Одлучи каде ќе спие бебето и подготви го тој простор однапред. Намести го креветчето или колевката и провери дали сè што ти е потребно во текот на ноќта ти е лесно достапно, но самиот простор за спиење нека остане без непотребни предмети.
6. Направи ги основните залихи
Не ти требаат огромни количини од сè, но добро е дома да имаш доволно пелени, памучни тупфери или марамчиња, средства за основна нега и работите што ќе ти бидат потребни за твоето закрепнување по породувањето.
Со новороденче многу брзо сфаќаш колку значи да не мора некој да оди до продавница за секоја ситница. 😅
7. Подготви и замрзни неколку оброци
Ова можеби не изгледа како најважната подготовка пред бебе, но мислам дека ќе биде една од оние за кои подоцна ќе си бидеме благодарни. Неколку готови домашни оброци во замрзнувачот можат многу да олеснат во деновите кога приоритет ќе бидат бебето, спиењето и закрепнувањето.
Особено ако немаш помош од најблиските околу готвењето, вреди однапред да подготвиш неколку оброци што само ќе треба да ги одмрзнеш или подгрееш.
Не мора да направиш залиха за цел месец. И неколку подготвени ручеци ќе значат многу во тие први денови. 🤍
8. Организирај помош за периодот по породувањето
Разговарајте однапред кој реално може да ви помогне во првите денови: партнерот, родителите, блиското семејство или пријателите.
А помош не мора секогаш да значи некој да го држи бебето. Понекогаш многу повеќе ќе значи некој да донесе ручек, да пазари, да среди нешто низ дома или да помине време со поголемото дете.
9. Пријави се за курс за доење или грижа за новороденче
Особено ако ти е прво бебе или имаш прашања околу доењето и првите денови со новороденче, добро е дел од информациите да ги добиеш уште пред породувањето.
Јас би препорачала да се избере курс или советување каде можеш да поставуваш конкретни прашања и да добиеш практични насоки, наместо да се обидуваш да научиш сè сама од бескрајни видеа на интернет. Кај мене на листата е @bebelogija и @mamma.mk.prenatal.education
10. Вежбај техники за дишење и релаксација
Неколку едноставни техники за контролирано дишење и релаксација можат да бидат корисна алатка за време на контракциите и самиот процес на породување.
Не мора да бидеш експерт. Поентата е техниките да ти бидат познати однапред, наместо првпат да се обидуваш да ги разбереш во момент кога веќе имаш контракции.
11. Закажи трудничка фотосесија 📸
Ова можеби не е „неопходна“ подготовка, но мене ми е една од најубавите. 🤍
Трудничкиот период понекогаш ни изгледа бескраен додека трае, а потоа неверојатно брзо станува спомен. Затоа, ако сакаш професионални фотографии од бременоста, закажи ја фотосесијата навреме и не чекај баш до последните денови.
А ако сè уште бараш фотограф, можеш да ѕирнеш и на @loveclick.mk. 📸🤍

12. Избери педијатар за бебето
Наместо да почнеш да бараш педијатар кога веќе ќе ти затреба, истражи ги опциите уште пред породувањето. Распрашај се за препораки, достапност, начин на закажување и што треба да направите за првата контрола по излегувањето од болница.
13. Не ги пропуштај редовните контроли
Како што се приближува терминот, следењето на бременоста станува уште поважно. Почитувај го распоредот на контроли што ти го дал гинекологот и искористи ги последните прегледи за да ги поставиш сите прашања што ти останале во врска со породувањето.
Јас почнав да си ги запишувам прашањата во телефонот кога ќе ми текнат, бидејќи на самата контрола секогаш заборавам барем половина. 😅
Во последните недели обично започнуваат и редовните CTG контроли, а зависно од препораката на гинекологот, околу 36. недела можеби ќе треба да почнеш да одиш и во болницата што си ја избрала за породување. Провери однапред кога треба да започнеш и дали е потребно закажување.
14. Следи ги движењата на бебето секој ден
Во последниот период веќе добро го познаваме ритамот на своето бебе. Обрнувај внимание на неговите вообичаени движења и на сè што забележуваш дека е различно од вообичаено.
Ако имаш загриженост за движењата на бебето, ова не е нешто што треба да се проценува според Instagram листа или туѓо искуство. Контактирај го својот гинеколог или породилиштето.
15. Одморај секогаш кога можеш
Ова ми е веројатно најлесно да си го напишам на листата, а најтешко да го почитувам. 😅
Последните недели носат и физички замор и она „nesting“ чувство дека баш сега мора сè да се исчисти, среди и организира. Но не мора сè да биде совршено. Ако телото ти бара пауза, направи ја.
16. Подготви го домот за доаѓањето на бебето
Не мислам на генерално чистење на секој агол од домот. Повеќе мислам на функционална организација.
Намести ги пелените, алиштата, муслинските пелени и производите што ќе ги користите секојдневно така што ќе ви бидат при рака. Подготви место за пресоблекување и размисли што ќе ти треба навечер.
Целта не е домот да изгледа совршено. Целта е првите денови да ви бидат малку полесни.

17. Направи план за поголемото дете 🤍
Ова е една од работите за кои размислувам многу повеќе овојпат.
Договорете кој ќе биде со поголемото дете кога ќе започне породувањето, како ќе изгледаат деновите додека сте во болница и како сакате да помине првата средба со новото бебе.
Мене ми се допаѓа и идејата да подготвиме мало изненадување „од бебето“ за првото запознавање. Не затоа што подарокот ќе спречи љубомора, туку како еден мал, убав детал во големата промена низ која поминува и поголемото дете.
18. Ослободи простор на телефонот и направи backup 📱
Ова е една од оние ситници на кои никој не мисли додека на екранот не се појави „Storage full“. 😅
Исчисти ги непотребните фотографии и видеа, направи backup на она што сакаш да го зачуваш и ослободи доволно меморија.
Верувај ми, кога ќе дојде бебето, галеријата ќе почне да се полни со неверојатна брзина. 🤍
19. Договорете правила за посетите по породувањето
Убаво е уште пред породувањето да разговарате со партнерот како сакате да изгледаат првите денови дома.
Дали сакате веднаш посети? Колку луѓе одеднаш? Дали сакате првите денови да бидат само за најблиското семејство?
Нема едно правилно решение. Важно е тоа што го договорите да одговара на вашето семејство и да ви остави простор за одмор, закрепнување и запознавање со новиот член.
20. Подготви се и психички. Наскоро бебето ќе биде тука. 🤍
Мислам дека ова е точката што најлесно ја забораваме додека сме зафатени со купување, перење, пакување и организирање.
Во еден момент подготовките мора да запрат.
Застани малку. Уживај во последните денови од бременоста. Во движењата во стомакот, во исчекувањето, па дури и во целата мешавина од возбуда и грижи што доаѓа со овој период.
Особено кога го очекуваш второто дете, свесна си дека не доаѓа само ново бебе. Се менува целата семејна динамика и започнува едно сосема ново поглавје.
И на крај… не мора сè да биде штиклирано ✔️
Оваа листа не ја направив за да си создадам уште 20 обврски пред породувањето.
Напротив.
Сакам постепено да ги завршам работите што можам да ги завршам сега, за кога ќе пристигне бебето да можам колку што е можно повеќе да бидам присутна во тие први денови.
Некои работи ќе ги завршам. Некои веројатно нема. Нешто сигурно ќе заборавам. И тоа е сосема во ред.
На бебето нема да му биде важно дали секоја фиока е совршено организирана или дали сме успеале да штиклираме 20 од 20 точки.
Но ако оваа листа ми помогне малку помирно да го дочекам денот кога од 3 ќе станеме 4, тогаш си ја завршила работата.
А ако и ти си во третиот триместар, зачувај си ја листата и користи го она што ти одговара.
А ако веќе си го поминала овој период, што би додала како 21-ва точка? 🤍
Напомена: Текстот е базиран на мое лично искуство и подготовка за породување и не е замена за медицински совет. За прашања поврзани со бременоста, движењата на бебето, породувањето, доењето или постпородилниот период, консултирајте се со вашиот гинеколог, педијатар или друг соодветен здравствен работник.
