Прв пат го слушнав зборчето Монтесори во еден мноогу погрешен контекст – „Монтесори кревет“. Да, како „монтесори“ кревет се претставуваат оние слатки креветчиња за мали деца во форма на куќичка. Може да го погледнете на сликата подолу за да ви биде појасно. Кога се роди Зои почнав повеќе да читам околу едукација на бебиња и мали деца па повторно се сретнав со зборчето Монтерсори. Овој пат во сосема различен и поголем контекст.
Монтесори всушност претставува метод на едукација кој овозможува децата слободно да растат и во целост да ги развиваат своите потенцијали. Постојат голем број на предности кој ги нуди Монтесори. Самостојност, самоувереност, ентузијазам, љубов кон учењето, креативно решавање на проблеми, одговорност и почитување за себе и околината.
Беше токму она што го барав. Токму оние квалитети кои отсекогаш сум сакала моето дете да ги има. Па, поради овие предности веќе некое време активно истражувам за Монтесори принципите и на кој начин можам истите да ги применам во растењето на Зои. Колку повеќе се едуцирам, толку повеќе оваа филозофија се поклопува со моите ставови и размислувања како родител.
Монтесори методата ја применувам веќе една година и забележувам бројни позитивности кај Зои. Би сакала оваа метода да ја доближам до Вас, односно до оние кои ги интересира повеќе за оваа метода на растење и воспитување и затоа моето патување кон Монтесори родителството и она што го имам научено ќе го споделувам на овој блог како и на социјалната мрежа Instagram.