Први Април не е обичен ден. За мене, тоа е ден кога креативноста процветува, кога забавата е во највисок ранг, а шегите се простират со неограничена слобода.
Инспириранa од Pinterest, идејата за костимот шумска печурка веднаш ме освои. Испадна баш онака како што ја замислував! Доколку сакате да ја правите оваа маска во продолжение на овој пост ќе ви го опишам процесот и потребните материјали.
Потребни материјали:
- Поголем картон
- Црвен филц материјал 1м
- Бел тенок материјал 1м
- 4 листови со бел материјал А4 материјал
- Силиконски пиштол
- Креп трака или селотејп
- Ножици
- Метро
Чекор 1: Како да ја направите основната капа
Од картонот се сече лента со широчина од 4 см доволно долга да може да ја завиткате околу главата на детето. Користејќи ја главата на вашето дете како водич, залепете ги краевите на картонот, додавајќи 3 см дополнителен простор за да се залепи белата ткаенина. Следно, исечете и залепете две дополнителни ленти од 4 см и прекрстете ги преку горниот дел од главата во форма Х. Прицврстете ги краевите со лепакВеќе ја имате направено внатрешноста на шеширот.
Чекор 2: Како да го направите вториот, поголемиот дел од капата
Користејќи големо парче цврст картон, исцртајте кружен круг со дијаметар од околу 55 см. Исечете го кругот. Следно, во средината на картонот поставете ја капата која петходно ја направивте во чекор 1 и со молив исцртајте го кругот. Потоа исечете ја дупката.
Капата која ја направивте во чекор 1 поставете ја во средина на дупката и со креп хартија залепете ја за поголемиот картон.
Следно, исечете дополнителни шест ленти со широчина од 4 см и залепете ги од едниот до другиот крај на капата во форма Х.
На тој начин основата на капата ви е спрема и следно потребно е да го лепите материјалот.
Чекор 3: Лепење на материјалот
Да бидам целосно искрена, овој чекор целосно го аутсорсирав на мајка ми J Во секој случај, белиот материјал се сече во круг 5-6 сантиметри поголем од кругот на картонот. Потоа се сече на два еднакви дела и се лепи во делот на капата и од другата страна на надворешниот дел од големиот картон. Потребно е да се направат мали фалти како имитација на жабрите на печурката. Овој материјал се лепи на долниот дел на печурката.
Црвениот филц материјал исто така се сече во круг колку што е капачето на печурката. Истата се лепи на централниот горен дел и на страните креирајќи мали фалти.
*** Материјалот е земен од Матекст во ГТЦ.
Чекор 4: Сечење и лепење на бели топчиња
Последниот чекор од правењето на оваа капа во форма на печурка е сечење и лепење на бели кругови. Белата хартија ја имам земено од Просветно дело – мислам дека е оваа.
Круговите се исечени во две големини со дијаметар од 8 см и 6 см.
На крајот од белиот материјал што ми остана исеков две ленти кои ги залепив од внатрешната страна на капата за да може да се врзува.
Еве дел од сликите…
Мајка ми капата ја имаше наполнето со полнење за перница за да биде поцврста, но секако беше потешка и Зои не можеше да ја носи. Материјалот го извадив, но после маскенбалот планирам пак да го вратам назад бидејќи на овој начин може да послужи како интересно декоративно перниче и да се користи долго време, наместо истата да се фрли или без врска да зафаќа простор.