Search here...
TOP

Здраво, здраво!!! Ти благодарам што го посети мојот блог и се надевам дека ќе уживаш во содржините кои ги нуди!

Јас сум Драгана, живеам во Скопје со мојот сопруг Дејан и нашата прекрасна ќеркичка Зои. Откако Зои се роди во декември 2020 година, мојата страст за зачувување на секој момент со неа и нејзиното растење стана главна мотивација за мојата работа и создавање. Секое бебе расте и се менува неверојатно брзо, па токму поради тоа започнав да водам дневник во кој внимателно запишувам важни моменти од нејзиниот развој – првите насмевки, првите зборови, и секако, сите оние мали чекори кои значат толку многу.

На мојот блог споделувам не само свои искуства и совети за мајчинството, туку и информации кои можат да бидат корисни на идните мајки и на мајките со помали деца. Иако не сум експерт, научив многу од моето патување и од грешките кои сум ги направила. Секојдневно ги откривам новите предизвици и радости на родителството, и се надевам дека моите искуства можат да помогнат на некого.

Особено сум заинтересирана за развојот на Зои и редовно правам различни активности со неа кои ја стимулираат нејзината креативност и развој. Следам принципите на Монтесори методата, која е фокусирана на самостојност, независност и учење преку игра. На блогот често објавувам дел од развојните играчки и активности што ги користам за да и помогнам на Зои во нејзиниот раст. Верувам дека со играта децата учат најдобро и се развиваат во природна средина.

Покрај темата мајчинство, се занимавам и со уредување на домот и правам различни DIY проекти. Иако нашиот стан го реновиравме пред некое време, постојано има нешто што сакаме да доправиме или промениме, и јас уживам во декорирањето и создавањето нови простори.

Како сопственик на Love Click Photography, фотографирам мајки, деца, семејства и трудници, помагајќи им да го задржат секој важен момент. Мојата работа вклучува создавање на индивидуални фотографии кои раскажуваат уникатни приказни за секој клиент. Нудам различни пакети, вклучувајќи фотосесии за трудници, семејни и новороденечки сесии, со цел да ги фатам најубавите и искрени моменти. За мене, фотографијата е начин да создадам трајни спомени и да прославам љубовта и поврзаноста меѓу мајќите и нивните деца. Можете да ја посетите мојата веб-страница на loveclick.mk за да видите повеќе од мојата работа и понудата.

Со сопругот, многу сакаме да патуваме и се надеваме дека и со Зои ќе продолжиме да го правиме тоа. Иако, за жал, Зои доста често ни се разболува, што нè натера да ги одложиме нашите патувања. Сепак, во иднина планираме да ги продолжиме нашите авантури и да создадеме нови спомени заедно.

Сакам да готвам и да експериментирам со нови рецепти и вкусови, но секогаш во потрага по практични решенија. За мене, готвењето е не само начин на исхрана, туку и форма на креативност, а истовремено и можност да заштедам време за најважните работи – семејството. Себе се сметам за мрзлива домакинка, па затоа често барам начини како да го оптимизирам процесот на готвење и чистење. Во моето секојдневие, обожавам да истражувам нови комбинации на состојки и да создадам уникатни, но едноставни јадења, било да се работи за традиционални македонски рецепти или современи интерпретации. На блогот ќе ги споделам моите омилени рецепти и корисни совети кои сум ги испробала и кои функционираат кај мене. Надевам се дека моите идеи ќе ви помогнат да внесете нови вкусови во вашата кујна, а истовремено да ви остават повеќе време за вашите најблиски!

На крајот, како сопственик на мал бизнис за продажба на персонализирани постери и декорации за домот – МОДЕРНИТА, на страната ќе понудам дел од асортиманот на производи за детска соба, но и многу бесплатни дизајни кои можете да ги симнете и урамите.

Уште еднаш, ТИ благодарам за посетата и поддршката!!! Слободно остави ми коментар или контактирај ме тука за сè што те интересира. Заедно да создадеме една инспиративна и поддржувачка заедница!

Претплати се
Известување за
guest
0 Comments
Најстари
Најнови
Внатрешни коментари
Прегледај ги коментарите